ЌЕ СЕ ОСВЕСТИМЕ ЛИ: Во населено место ќе се вози со 50 км/ч, за непочитување глоба од 400 евра!
Надлежните конечно решија да преземат построги правила во однос на безбедноста во сообраќајот и да влијаат на намалување на жртвите во сообраќајни незгоди.
На денешната средба Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, Претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Стојче Стаменковски, директорот на ЈП „Улици и патишта", Синиша Ивановски, како и претставници на МВР и Секторот за сообраќај на Град Скопје ги претставија новите предлози.
Коце Трајановски најпрво изрази желење поради загубените човечки животи во незгодите и порача да не се прави политика од несреќните случаи.
Градоначалникот потсети на реконструираните булевари и улици, и преземени чекори за зголемена безбедност во сообраќајот.
Заклучоците кои се донесени на денешниот состанок се најпрво да се направи мапирање на црните точки во сообраќајот – анализа што треба да биде готова до 15 октомври, за веднаш потоа да ги отстраниме недостатоците на терен.
„Ќе разгледуваме и зони на смирен сообраќај, во што активно ќе се вклучиме заедно со општините, со МВР и со Советот за безбедност во сообраќајот. Не консултираат и за нашите забелешки во однос на новата законска регулатива од оваа област, што е во процедура. За Градот Скопје безбедноста на сите учесници во сообраќајот е приоритет – истакна Трајановски.
Министерот за внатрешни работи Чавков на состанокот информираше за засилените активности кои МВР ги презема на територијата на градот Скопје, како и заклучоците донесени врз основа на анализи на преземените активности.
Чавков потенцираше дека од досегашните анализи утврдиле дека а најчеста причина за случување на сообраќајни незгоди со потешки последици на подрачјето на Скопје е човечкиот фактор, односно брзото возење, непочитување на правилата за првенство на минување, како и управувањето на возила под дејство на алкохол.
„Со новините во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, којашто е во собраниска процедура, предвидовме низа нови законски мерки кои одат во насока на зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Во делот на урбаните средини, предложено е намалување на брзината на движење на јавен пат во населено место од 60 на 50 километри на час, а доколку не се почитува ова ограничување ќе се изрече глоба во вредност од 400 евра или 65 негативни поени“, истакна министерот.
Особено е важно што без разлика дали возачот ќе реши да ја плати глобата или да впише негативни поени, за него започнува постапка пред надлежен орган за забрана за управување со возило, во период од 6 до 12 месеци - изјави министерот Чавков.
Оваа одлука на надлежните доаѓа ден пред најавениот протестен собир насловен како „Коце, врати ни ги улиците“ закажан за во 13 часот?
„Граѓанската иницијатива „Коце, врати ни ги улиците“, во сабота, во 13 часот, ве повикува на мирен протест на кој ќе оддадеме почит на прерано загинатиот велосипедист, 13-годишниот Давид, и сите трагично загинати жртви на скопските улици-пешаци и велосипедисти. Собирот ќе започне во 13 часот, на булевар Илинден, пред фонтаната „Лотосов цвет“ (кај зградата „МЦМ“). На местото, каде животот трагично го загуби младиот Давид од несовесен возач. Потоа ќе продолжи низ стариот дел од Градски парк, каде Давид последен пат го возел својот велосипед со другарите и ќе заврши пред канцеларијата на градоначалникот Коце Трајановски, во близина на паркот, како директно најодговорен за црниот биланс и бројните несреќи по скопските улици. А тој е : 15-на загинати пешаци и велосипедисти во изминативе осум месеци во Скопје. Ниеден изграден надземен или подземен премин за пешаци, ниту пак воведување на трамвај со цел намалување на автомобилскиот сообраќај. Впрочем во рок од само четири дена загина Давид, а вчера беше повреден велосипедист, кој се бори за живот во Клиничкиот центар. Утре, може да бидете жртва вие, вашето дете или член на вашата фамилија ! Ќе чекате тоа да се случи или ќе допринесете навреме да се подобрат нештата ?“, стои во официјалното соопштение на оваа иницијатива!
