Ќе се „мажи“ ФЗЦ Куманово, цена 500 денари за акција!?
Стечајниот управник на „Експорт импорт банка“ сопственикот на акциите во ФЗЦ почетната цена ја спушти за 78 отсто во однос на првото јавно наддавање!
Управувачкиот пакет акции во кумановската фабрика за заварени цевки и профили „11 Октомври“ од Куманово се продава со почетна цена од 500 денари за акција, објави Ацо Дамчевски стечајниот управник на „Експорт Импорт банка“ во стечај. Оваа банка чија стечајна постапка трае десетина години во ФЗЦ „11 Октомври“ поседува 234.158 акции со право на глас односно 50,62 отсто од сите акции со право на глас. Јавното наддавање ќе се одржи на 24 март годинава во канцеларијата на стечајниот управник во Скопје.
Ова е втор обид за продажба на пакетот акции по пат на јавна понуда организирана од стечајниот управник на „Експорт Импорт банка“. Првиот неуспешен обид беше во декември лани и почетната цена беше номиналната вредност на акцијата и изнесуваше 51 евро за акција.
Согласно со објавеното јавното наддавање може да биде успешно и ако има само еден понудувач, но услов е да се квалификува како понудувач да достави банкарска гаранција во вредност од најмалку 5 отсто од номиналната вредност на сите акции, но не помалку од 1 милион евра, пишува во огласот.
Доколку јавното наддавање биде успешно новиот сопственик на мнозинскиот пакет акции е должен согласно со Законот за превземање компании да даде понуда за сите други слободни акции од ФЗЦ. И во рок од 30 дена по потпишување на договор во продавачот на управувачкиот пакет акции да поднесе барање за добивање дозвола за превземање од Комисијата за хартии од вредност.
Акцијата на ФЗЦ последен пат се тргувала на нашата берза на 13 февруари по цена од 425 денари за акција. Во последната година оваа акција се тргувала во маргина од 241 до 550 денари за акција, а биле истргувани 4.025 акции со право на глас што е 0,8 отсто од сите акции. ФЗЦ „ 11 Октомври“ е производител на цевки, шупливи (издлабени) профили и слични производи од челик. Компанијата е без доминантен сопственик подолго од десет години откако падна во стечај банката што ги поседуваше мнозинскиот пакет акции.
Според последните официјални податоци што може да се најдат на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност во првите шест месеци годинава компанијата бележи загуба од 2 милиони евра, а лани во истиот период загубата на полугодие била 1,58 милиони евра. Приходите од продажба за првите шест месеци се 229,4 милиони денари и во споредба со истиот период лани се намалени за 222,6 милиони денари.
Слично
