Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ќе престане ли дождот-И по еден месец поплавените живеат во страв и грч!

Ќе престане ли дождот-И по еден месец поплавените живеат во страв и грч!

Најавата на синоптичарите за нови  дождови и невреме се нашиот најголем страв. Временската прогноза ја следиме задолжително бидејќи “изгорени од врело млеко сега дуваме и на маштеница”- вели Вера Младеновска од скопско Стајковци.

stajkovci novo1

Таа се грижи за домот и за внучињата. Секој ден ги носи и ги  враќа во локалното училиште бидејќи улиците сеуште се покриени со кал и вода.  Новите чевли, раскажува станале како износени, без пластични чизми по дел од улиците е тешко да се пробијат.

stajkovci novo2

“Сeкој ден ги носам внучињата во училиште. Им дадоа книги и училишен прибор, но не и ранци. Следувале само за првачињата. Но добро, што и да е да има колку за почеток. При најмал дожд улицата се прави со кал. Прашината е залепена секаде. Мислам дека е навлезена во сите пори.Повеќето од  споредните улици се тампонирани, но од дожот се губат ситните камења. Живееме во страв. Невремето ни е врежано постојано во мислите. Дeновиве деца од соседите на телефон ми пуштија видео клип од надојдената вода во најкритичните моменти. Си велам, боже зарем тоа го преживеавме?!”- раскажува Младеновска.

stajkovci novo 7

И по еден месец од страотното невреме дел од жителите не можат да го вратат својот живот во нормала. Штетите се огромни. Велат поголемиот шут и отпад е расчистен, но сега останале на голи ѕидови. Оставени сами на себе. На прагот на зимата стравуваат дали воопшто ќе успеат да ги приспособат своите куќи за живеење.

stajkovci novo

“Уништено ни е практично се. Цела животна печалба. Првиот кат од куќата беше под вода повисока од влезната врата. Трагите на ѕидот се гледаат. Моравме да исфрлиме се од куќата, да оставиме да се  исуши за да може да почнеме со мачкање на ѕидовите и варосување. Добивме помош во хигиенски и средства за дезинфекција. Од дворот немаше ништо. Поплавата го зафати и амбарот со жито, тракторот и целата механизација за во нива. Алатот на мојот син кој е фарбар по професија е целосно уништен. Под вода и кал беа и двете коли, едната едвај ја спасивме. Само за чистење на колата му земаа 150 евра. Но потребна ни е поради децата и моравме да ја приспособиме во возна состојба. Единствено за чудо,  од невремето остана непипната само фолијата во која имавме посадено зеленчук.Но од страв не користиме ништо за исхрана. Вода има од градскиот водовод но и неа не ја користиме за пиење. Сеуште се чувствува миризбата”- вели  Младеновска.

stajkovci novo 5

Хуманитарна помош и донации како што вели има но до нив  тешко се стигнува. Први успеваат да ја земат  оние кои не се поплавени, бидејќи другите немаат време за тоа. Брзаат да ги санираат штетите и да ги приспособат куќите за живеење. Тоа е дополнителна причина за револт кај дел од локалното население.

stajkovci novo3

“Слушаме секојдневно дека животот се враќа во нормала. Да се враќа, но каков живот?! Благодарни сме навистина на сите хумани луѓе кои ни помогнаа првично да расчистиме се што беше уништено, но сеуште треба многу. Покуќнината е исфрлена  и стартуваме од почеток. Синот живее на горниот кат и сега таму се прибравме. Го расчистивме дворот колку да имаат внучињата каде да играат. Очекуваме дека ќе ги добиеме парите од отштетата за да си направиме повторно се како што ни беше пред поплавите. Комисијата  направи проценка па ќе видиме”-објаснува жителката на Стајковци.

stajkovci novo 4

Денеска завршува рокот за пријавување на штетите од поплавите. Многумина од мештаните сеуште ги бараат своите имиња на долгите листи закачени на сред село за да можат да ја добијат авансната помош од петстотини евра која подоцна ќе биде одземена од вкупната сума за отштета. Други пак веќе ја земале и ја потрошиле, најчесто за санирање на ситни поправки во домот за кој како што велат треба уште многу работа и пари за повторно да стане семејно огниште.

Слично

Поврзани вести