Ќе никне фабрика за преработка на автомобилски гуми во Новаци
Фабрика за преработка на стари автомобилски гуми наскоро ќе почне да се гради во Општина Новаци поточно во мариовското село Брод.
За потребите на оваа инвестиција била направена студија за да се испита дали истата ќе има некакво влијание врз животната средина и дали ќе предизвикува лоши последици.
Целта на ваквата проценка е идентификација и проценка на последиците од проектот врз животната средина пред да биде издадено решението за градење на објектот за да можат да се елиминираат или ублажат негативните биофизички, социјални, здравствени и останати ефекти.
Изработувач на стратегиската оценка е м-р Илија Кондински кој е овластен експерт за оценка на влијанието на проектот врз животната средина и пред сите присутни детално ја образложи студијата, ја претстави локацијата каде ќе се гради инсталацијата – во околината на село Брод на оддалеченост од 1,5 км, како и начинот на кој ќе се одвива процесот на преработка на старите автомобилски гуми со пиролиза.
