Ќе направи ли градежен бум проектот „Купи куќа за млади“?
Пред два дена Владата најави нов мега проект „Купи куќа за млади“ преку кој ќе се доделуваат субвенции за сите млади лица до 35 години.
Надлежните очекуваат овој проект да предизвика градежна експанзија и бенефит за градежните компании. Очекуваат и нови работни места и стимул на градежништвото.
Од Сојузот на стопански комори ја потеницраат потребата од ваквите проекти и очекуваат поголем развој на градежништвото кое е во подем.
Оттаму велат дека на овој начин ќе им се овозможи на граѓаните да го решат своето станбено прашање.
Премиерот Груевски пак очекува позитивен одраз на проектот врз фирмите кои произведуваат градежни материјали со зголемување на профитот и отварање нови места во градежниот сектор.
Проектот има за цел да обезбеди поддршка за нова куќа преку достапни два модели и се однесува само за стекнување нови невселени куќи изградени од градежни компании, како и за изградба на сопствена куќа на свое земјиште или пак надградба и доградба.
Според она што го соопшти премиерот условите добивање на ваква субвенција се прилично исти како и оние за „Купи куќа купи стан“.
Државата со првиот модел, за кредит до 20 години и максимален износ до 50 илјади евра ќе ја субвенционира месечната рата 11 години, во првите осум години 80 проценти од нејзиниот износ, а во останатите три години 50 проценти, додека со вториот модел целосно се субвенционира учеството за кредитот зависно од износот што ќе биде земен.
Брателот на субвенцијата, без оглед на брачниот статус, не треба да има живеалиште на свое име ниту пак да има подигнато кредит. Ако корисникот е поединец за да користи субвенција треба да има до 35 години месечни примања до 900 евра, а ако станува збор за сопружници барем еден од нив да биде до 35 години и да имаат вкупен приход до 1.300 евра.
Според најавите проектот ќе стартува во февруари.
