ЌЕ ЛЕТААТ КАЗНИ ПО ШКОЛИТЕ: Наставниците заглавија со е-дневникот!
Навременото внесување на податоци и оценки во е-дневникот е невозможна мисија-реагираат наставниците. Дополнителните административни обврски велат не само што ги оддалечуваат од воспитно-едукативната дејност туку неможат навреме да ги завршат поради задоцнетото стартување на ЕМИС и ХРМ базата, чиешто ажурирање е услов за функционирањето на електронскиот дневник.
Па така наместо на крајот на август или почетокот на септември, овие бази на податоци биле пуштени дури овој месец и училишните администратори неможат навреме да ја обезбедат нивната примена. Ажурирањето на овој сложен систем според наставниците е сериозна обврска која бара многу време, знаење, трпение и посветеност.
Парадоксален е како што велат фактот дека внесот на оценките од екстерното тестирање кое е обврска на надлежниот центар не бил направен до пред една недела, што според наставниците сосема оправдано го наметнува прашањето дали правилата и роковите важат само за оние кои се извршители, а не и за оние кои ги создаваат и наметнуваат. Наставничкиот пленум преку отворено писмо до надлежните бара одговори и одговорност зошто од нив се бараат и наставните и воннаставните обврски, а никој не сака да ги реши реалните проблеми со нефункционалноста на системот од владината реформа.
“До минатата недела се уште беше видлив е-дневникот од ланската учебна година. Стартувањето на ЕМИС и ХРМ базата, чиешто ажурирање е услов за функционирањето на електронскиот дневник се случи на почетокот на месец октомври, наместо како што би требало да биде, на крајот на август или барем на почетокот на септември, за да можат училишните администратори благовремено да ја оспособат за употреба. Ако се земе предвид дека низ сите училишта во земјава оваа обрска ја извршуваат наставници кои имаат часови и се вклучени во редовната настава, сметаме дека навистина е крајно време да се размисли за решавање на статусот на училишните администратори”-реагираат од Наставничкиот пленум.
Институциите креваат раменици
Оттаму реагираат дека институциите креваат раменици, други го игнорираат нивниот реален проблем, а инспекторите и законите им се закануваат со казни доколку навреме не ја завршат административната обврска. Дополнително велат имаат и технички проблеми за кои алармираат со години наназад.
“Внесувањето на сите задолжителни содржини од страна на класните раководители и наставниците, кои наместо редовното внесување на податоци, постојано се ставаат во ситуација да ја внесуваат сета евиденција наеднаш, со недели наназад е реален проблем. И оваа учебна година, стартувањето на ЕМИС и ХРМ базата е проследено со тешкотии и во техничка смисла, што уште еднаш укажува на реалната неодржливост на вака комлексен систем и оптоварувањето на администраторите со зафати кои веќе ги превзеле. Станува збор за фактот дека во сите училишта, веќе внесените наставници од ХРМ во ЕМИС кои досега биле таму, сега веќе не беа и администраторите мораа повторно да ги внесуваат, што подразбира дуплирање на обврските и непотребно губење време. Исто така, овој факт е надополнет и со тоа дека во одредени училишта не беа префрлени ни учениците по паралелки креирани минатата учебна година, кои како такви се префрлуваат, што досега беше пракса, а што значи дека беа повторно внесувани”-велат од Наставничкиот пленум.
Наставниците беа доведени во невозможна мисија!
И оваа учебна година, ЕМИС и ХРМ базата според нив во голем број на училишта подразбира нецелосно префрлени наставни програми, што значи дека училишните администратори се со врзани раце бидејќи без нив не може да биде направено поврзувањето со наставниците, предметите и класовите во кои предаваат. Упатени се велат безброј мејл пораки до надлежните, на кои не е добиен одговор, остварени се бројни телефонски разговори кои завршувале со прогласување на ненадлежност за посочениот проблем.
“Имено, како и досегашните години, сведочиме на наметнувањето на внесот во е-дневникот и покрај тоа што не се сочувуваат внесените податоци, не се појавува веќе внесениот распоред од страна на класните раководители, не е овозможен непречен и брз влез во системот и сите наставници како и досега, се позиционирани пред монитор со часови, во глуво доба во безуспешни и очајни обиди да ја завршат својата обврска. До кога ќе ги изложувате наставниците на вакви малтретирања и од нив ќе барате завршување на задачи кои се невозможна мисија не по нивна вина? “-прашуваат од Пленумот. .
Како наставници кои би требало да се столбот на секое општество, затоа што продуцираат ум неопходен за сите сфери, велат се длабоко професионално навредени, бидејќи надлежните имаат комплетен увид во електронските дневници, можат во секое време да проверат кој наставник не ја завршил својата обврска и тоа не би требало да биде задача на училишните администратори. Апсурдно е според наставниците инспекторатот надлежен за следење на извршувањето на оваа задача излезе со став дека сите наставници кај кои е утврден недостаток на оценка, која и покрај продолжениот рок не била внесена, треба да бидат казнети.
“Благо кажано, навистина е професионално несоодветно да се прават вакви проверки ако се знае дека наставниците, соочени со закани и казни за евентуално неработење во е-дневникот многу сериозно ја завршиле таа обврска и дека е мал бројот на наставниците кои тоа не го сториле. Во овој контекст е и фактот дека внесот на оценките од екстерното тестирање, што е ваша обврска, не беше направен до пред една недела, што сосема оправдано го наметнува прашањето дали правилата и роковите важат само за оние кои се извршители, а не и за оние кои ги создаваат и наметнуваат.
Така може да се случи, што и се случува на терен, за жал, одреден број на наставници да добијат писмени опомени од раководниот орган во училиштето, кои влегуваат во нивното професионално досие, а за поголем број на невнесени оценки, можни се и парични казни. Парадокстот да биде уште поголем, на сајтот на електронкиот дневник на 23.09.2015-та година стои дека внесувањето на оценки за учебната 2014/2015 година е повторно овозможено, со рок за внес на оценки заклучно со 14-ти октомври (среда). Се поставува прашање зошто се прави увид од ДПИ врзан со внесот на оценки и директорите се задолжуваат да ги санкционираат “неодговорните” наставници ако рокот за внес на оценка која евентуално недостасува, се уште трае? Се работи ли за некоординација меѓу надлежните институции, или за употреба на уште една алатка за дисциплинирање на наставниците?”-нагласуваат од Наставничкиот пленум.
Како до достоинствена професија?
Дополнителен проблем според нив е статусот на училишните администратори на кои име се натрупуваат обврските а никој не го цени ниту плаќа нивниот труд.
“Ако се земе предвид дека низ сите училишта во земјава оваа обрска ја извршуваат наставници кои имаат часови и се вклучени во редовната настава, сметаме дека навистина е крајно време да се размисли за решавање на статусот на училишните администратори. Тие работат во базата практично цела година, затоа што е жива и отворена и постојано се ажурира, а да не зборуваме за маките при нејзиното оспособување за работа. Од тие причини укажуваме на оправданите барања од нивна страна конечно да се реши нивниот статус и како законска формулација да се дефинира бенефицијата која би ја имале – ако не како материјален надомест, тогаш како намалување на фондот на часови, затоа што ажурирањето на стотици наставници и ученици во секој момент, а и оптоварувањето и со обврски кои по никој основ не би требало да се задача на администраторите ,проверка на внесени оценки на сите наставници, на пример сепак е многу голема, опфатна и сериозна задача” –додаваат од Наставничкиот пленум.
Тие бараат сериозно разгледување на нивните апели, бидејќи се сметаат за професионалци кои ја знаат и сакаат својата работа и со сите сили најавуваат дека ќе се борат и понатаму да ја зачуваат достоинствената боја која мора да се подразбере во оваа професија.
С.Б.
Слично
