ЌЕ ИМА ЛИ КОНЕЧНО ДОГОВОР: Нова средба на работните групи
Времето полека одминува и ги гази преговарачите.
Работните групи на четирите работни групи ниту вчера не успеаја да постигнат решение за специјалниот обвинител.
Денес средбите продолжуваат а знаци за договор на повидок има ама уште не детални.
Засега и власта и опозицијата се оптимисти и велат дека разговорите полека влегуваат во крајна фаза и е потребно да се допрецизираат неколку работи, меѓу кои : дали во тимот на обвинителот ќе има заменици или помошници, дали ќе бидат 12, како што бара СДСМ, или 6, како што веројатно ќе се согласат другите, како ќе се обезбеди целосна автономија, стручната служба и друго.
Рокот за решение е до 15 септември што значи дека преговарачите имаат уште четири дена .
Нема план Б, специјалниот обвинител мора да биде назначен до 15 септември, изјави вчера евроамбасадорот во Македонија, Аиво Орав. „Минатите денови многумина ме прашуваа дали има план Б, доколку не се назначи специјален обвинител. Не, нема план Б, специјалниот обвинител мора да биде назначен на 15-ти септември. Лично сум многу охрабрен од говорите на премиерот (Никола) Груевски и од опозицискиот лидер (Зоран) Заев, кои испратија охрабрувачки пораки дека партиите сакаат да го завршат ова прашање. Да, сé уште неразјаснети работи, но во следните денови тие ќе се решат на конструктивен начин во интерес на земјата, а на 15-ти септември ќе се назначи специјалниот обвинител, кој на 16-ти септември веќе ќе може да почне со работа“, изјави шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Аиво Орав. Според него, партиите сега се во многу тежок период на имплементација на политичкиот договор, но вели дека договорот за излез од политичката криза е големо достигнување.Пред два дена високата претставничка за Фактор, Маја Коцијанчиќ за Фактор истакна дека од Брисел очекуваат напредок и исполнување на договорот.
Брисел очекува во наредните неколку денови да види значителен напредок во исполнувањето на обврските кои лидерите ги превземаa со потпишувањето на договорот во Пржино. Во согласност со превземената временска рамка сакаме да видиме и конкретни резултати. Ова за Фактор го изјави Маја Коцијанчиќ. Портпаролката на Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика вели дека Брисел со особено внимание го следи развојот на ситуацијата во Македонија и очекува потписниците на договорот од Пржино во целост да ги спроведат обврските без никакво одложување.
„Комесарот Хан планира да ја посети поранешната југословенска Република Македонија на 18 септември, со цел да се слушне за напредокот и резултатите во имплементацијата на политичкиот договор од јуни, вклучувајќи различни рокови за постапување“ , вели Коцијанчиќ.
Во однос на тоа што се’ уште не е на повидок решение за Специјалниот јавен обвинител , Коцијанчиќ вели дека Еврокомесарот Хан внимателно ја следи ситуацијата во Македонија и оти се надева дека до неговото доаѓање во Скопје ќе може да слушне добри вести во однос на ова прашање кое е од суштинска важност за расветлување на случаите „Прислушување“ и „Пуч“ . Коцијанчиќ не сака да прејудицира дали доколку партиите не постигнат договор за изборот на Специјалниот јавен обвинител Брисел ќе го има последниот збор.
