ЌЕ ГО „ПРЕЖИВЕЕ“ ЛИ ИВАНОВ ИМПИЧМЕНТОТ: Една недела пратениците „тапкаат во место“
Веќе една недела пратениците расправаат за предлогот на опозицијата кој Комисијата го оцени како неоснован.
Денеска собраниската расправа ќе продолжи а за да помине низ пленеарниот филтер, предлогот треба да го поддржат 82 пратеници.
На досегашните расправи двете опонентски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги судираа ставовите по ова прашање.
За пратениците од владечката партија предлогот на СДСМ е неоснован. Велат дека Одлуката на Иванов за амнестија е основана и законска а ја обвинуваат СДСМ дека со оваа правно неиздржана иницијатива се обидела да ѝ нанесе удар и на последната институција во државава која не ја нападнаа, а тоа е Претседателот на РМ.
Од СДСМ пак образложувајќи го предлогот која бара отповикување на претседателот од функцијата велат дека Иванов ги злоупотребил својата положба и овластувањата и ја пречекорил својата надлежност.
Ако помине предлогот и Собранието го изгласа, за Импичментот ќе треба да се изјасни и Уставниот суд.
Сепак моменталната ситуација во Парламентот алудира на тоа дека претседателот Иванов „ќе го преживее“ импичментот. Иницијативата на СДСМ ја поддржуваат околу 50 потпишани пратеници, а им фалат уште околу 30 гласа за постапката против претседателот да продолжи во Уставен суд.
До оваа иницијатива дојде на 13 април, ден откако, Иванов на 12 април реши да помилува 56 лица . На 27 мај, под притисок и низа обвинувања шефот на државата ја повлече делумно аболицијата, додека на 6 јуни ја повлече целосно , за сите аболицирани.
Иванов како претседател, во земјава ќе остане запаметен како првиот шеф на државава за кого е покрената постапка за отповикување.
