Ќе дозволи ли меѓународната заедница Пржино да доживее фијаско?
Дали е можно меѓународната заедница да замижи и да ги испушти конците од раце а Пржино да доживее фијаско?
Прашање на кое многумина бараат одговор.
Д-р Јордан Шишовски во последното интервју за Фактор на ова прашање одговори вака:
„Неодамна Европската унија потпиша договор со Турција за решавање на „проблемот со бегалците.“ Овој договор од многу меѓународни организации за човекови права беше осуден. Европа мижи пред автократскиот и брутален режим на Ердоган додека тој „испорачува резултати“ – затворање на границите и задршка на бегалците. Оваа непринципиелна позиција на ЕУ, сепак не е преседан. Европската унија молчи за гушењето на демократијата и во Унгарија. Драматичните настани од грчката евро-криза покажаа дека Брисел е способен бескомпромисно и да ја погази волјата на цел еден народот само заради зачувување на интересите на крупниот капитал. Ако Европската унија молчи пред погазувањето на демократијата кај своите членки и сојузници, ако ја погазува демократијата кај други членки, тогаш не гледам причина зошто би се загрижила за газењето на демократијата во Македонија. Не се сомневам ни дека ако Груевски биде перципиран како способен да „испорача резултати“ за интересите на центрите на моќ и крупниот капитал, тогаш ќе биде и подржан, па дури величан како „реформист“ и „демократ.“
Не смееме да бидеме наивни. Прогресивните сили мора да бидат свесни за интересите на овие центри на моќ без нивна идеализација. Демократијата и слободата се наши интереси. Стабилноста – политичка и макроекономска – се нивни интереси. Ако ние самите не се грижиме и бориме за нашите интереси, тогаш зошто другите би се грижеле?! Во комуникацијата, пак, со овие центри на моќ мора недвосмислено да им се даде на знаење дека без демократизација (нашиот интерес) е невозможна стабилизацијата (нивниот интерес).
Кога еден убав ден, пак, ќе излеземе од политичката криза, прогресивните, продемократски и слободарски сили во Македонија треба сериозно да ги преиспитаат евро-атланските догми на македонската политичка сцена. Македонија се стреми да биде западна демократија, но не сите западни демократии се и членки на НАТО и ЕУ. Во ова мора да се ориентираме од нашите интереси“.
Прочитајте го тука целото интервју.
Малинка Ристевска Јорданова од институтот за Европска политика пак во однос на договорот од Пржино и улогата на меѓународната заедница вели:
„Меѓународната заедница дефинитивно се обидува да спаси што може да се спаси, а особено да не се загрози она што досега е постигнато - а тоа е, пред сè, Специјалното јавно обвинителство. Затоа се концентрираат на одделни точки на Договорот, кои во моментов ги сметаат за критични. Сега тоа е Избирачкиот список и функционирањето на ДИК. Но, тоа е сепак малата слика. Средната слика е довербата во избирачкиот процес од страна на партиите и на граѓаните. За жал, оваа доверба ја нема и тоа ги прави евентуалните избори на 5 јуни бесцелни. Големата слика е нормализацијата на политичкиот процес – нешто што меѓународната заедница не може да ни го подари, во што домашните фактори мора да играат клучна улога.
Вториот впечаток е дека претставниците на меѓународната заедница се обидуваат да ја пренесат одговорноста на домашен терен. Но, во ситуација кога веќе се создадоа очекувања тие да ги повлекуваат главните конци, особено во критичните моменти, тешко е да се направи ваков пресврт. Затоа е неопходна реконструкција на дијалогот во нов формат“.
Прочитајте го денешното интервју со Ристевска Јорданова овде.
Слично
