Ќе добијат ли азил во Грција турските офицери?
Осумте турски офицери кои бараат азил во Грција, денеска ќе излезат пред комисија за таа цел.
Тие само неколку часа по неуспешниот обид за пуч во Турција, со воен хеликоптер избегаа во Грција, слетаа на аеродромот во градот Александруполис, а денеска ќе се појават пред комисија која ќе ги разгледа нивните барања за добивање политички азил во Грција.
Нивниот случај меѓународната заедница го следи со огромен интерес. Се очекува уште еднаш да посочат дека нивното екстрадирање нема да им обезбеди праведен процес во Турција и дека сигурно ќе бидат осудени на смрт.
Анкара и официјално од грчката влада побара екстрадирање на осумте војници. Барањето по дипломатски пат од турското Министерство за правда му беше предадено на грчкото Министерство.
Во Турција против офицерите се покренати обвиненија за кршење на Уставот и за учество во обидот за преврат.
Тие ги негираат обвиненијата велејќи дека само ги извршувале наредбите на своите претпоставени.
