КБ ПРВО ПЕНЗИСКО: Нивото на вложувања во македонски акции е соодветно на условите!
До крајот на 2013 година, двете друштва кои ги водат двата приватни задолжителни пензиски фонда чуваат 3,6 отсто од средствата во домашни првокласни акции. Според експертите на „КБ Прво пензиско друштво“ простор за подобрување има и тоа: во односот и заштитата на правата на малцинските акционери, трансакции кон поврзани субјекти, редовни средби на менаџментот на компаниите со поголемите институционални инвеститори
„КБ Прво пензиско друштво“ и „НЛБ Нов пензиски фонд“ друштвата што управуваат со приватни пензиски фондови од вториот столб до крајот на 2013 година во домашни првокласни акции вложиле 3,60 отсто од нивното портфолио чија вредност во овој период изнесувала 27 милијарди денари. Ова во интервју за „Фактор“ го истакна Булент Дервиши, претседател на Советот на експерти на МАПАС.
„Фактор“ побара подетално објаснување од експертите, на двете друштва, кои управуваат со и одлучуваат за вложувањата на средствата на идните пензионери за нивото на вложување во домашните првокласни акции кои се тргуваат на Македонската берза за хартии од вредност.
Според Горан Мартиноски, раководител на Сектор за управување на средства во „КБ Прво пензиско друштво нивото на вложувања во македонски првокласни акции е соодветно на моменталните услови на пазарот на капитал.
„Ако предвид се земат големината на фондовите и капацитетот на пазарот за апсорбирање на истите, моменталната пазарна капитализација на компаниите во кои средствата на фондовите согласно регулативата можат да бидат инвестирани, резултатите на компаниите, корпоративното управување во компаниите, односот кон малцинските акционери, ликвидноста на македонската берза и слично, може да се заклучи дека моменталната изложеност на средствата на фондовите во акции во Македонија е на ниво кое е соодветно на момeнталните услови“, објасни експертот на друштвото кое го управува поголемиот од двата приватни задолжителни пензиски фонда во земјава.Ова друштво одлуките за вложување ги носи врз основа на детални анализи на пазарите како и на конкретни инструменти, без разлика дали станува збор за домашни или странски пазари. Според Мартиноски, секогаш кога друштвото врз основа на анализа ќе оцени дека инвестирањето во некој инструмент е во интерес на членовите на фондот, тогаш тоа и го прави. Со оглед на тоа ако анализите покажат дека постои поволна можност за инвестирање во македонски акции, дел од средствата на фондовите ќе бидат инвестирани и во акции на компании воземјава. Од почетокот на работата на фондовите пред осум години досега имало различни нивоа на вложување на средствата во домашни акции. Така, во одредени периоди изложеноста во акции во земјава достигнувала и над 15 отсто од вредноста на нето средствата на фондовите. Мартиноски истакна дека во изминатиов период постои голем напредок кај добрите корпоративни практики кај компаниите, а за тоа особен придонес дале Правилата на котација кои Македонска берза за хартии од вредност постојано ги надоградува во насока на поголема информираност на јавноста и инвеститорите.
„Но сепак, уште има простор за подобрување кај компаниите и тука пред се мислам на односот и заштитата на правата на малцинските акционери, трансакции кон поврзани субјекти, редовни средби на менаџментот на компаниите со поголемите институционални инвеститори и така натаму“, посочи Мартиноски.Р.Ф.
Слично
