Економија, финансии, бизнис

Контакт

Казни до 15.000 евра за секој што ќе додели студентска соба „под рака“

Казни до 15.000 евра за секој што ќе додели студентска соба „под рака“

Народните избраници ги донесоа измените на законот за студентски стандард, со кој предвидените казни од 7.500 до 15.000 евра треба да се воспостави  дисциплина кај раководството на домовите  и да се овозможи правичен пристап во доделувањето на кревет плус за студентите. Законот го обврзува секој директор на студентски дом да назначи и по две лица кои ќе бидат задолжени за сместувањето на студентите.

Опозицијата ваквиот закон го нарече лицемерен, па предложи да му се смени името во „Закон за студентска сиромаштија“. Пратениците од СДСМ остро го критикуваа законското решение и според нив казните за студенстките сместувања немало да сменат ништо, бидејќи според пратеничката на СДСМ, Биљана Казанџиска, владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ уште во мај ги заклучила списоците за подобните студенти, а наредбите за тоа не ги носеле директорите на домовите, туку доаѓале од друго место.

„Претседателот на студентската организација е претседател на УМСМ во Штип, а во законот пишува дека во студентските домови не треба да се организираат партиски, политички и верски собири. Е како да не се организираат кога листата за сместување на студенти се прави во партискиот штаб и тоа по заслуга кој колку гласови донел на изборите, дали му гласала фамилијата... Џабе родителите кои не ги интересира политика даваат пари за документи кога нивните деца не покажале колку гласови донеле за избори. Праксата покажува нешто спротивно на законот кој го нудите – рече Казанџиска од СДСМ.

Пратеникот од редовите на НСДП Горан Мисовски  не ги  поддржа  измените, бидејќи како што рече, вакво законско решение е нереално,  кога списоците се веќе заклучени во мај.

Заменик министерот за образование Сафер Незири истакна дека токму казните ќе стават ред во сместувањето во студентските домови.

- Казните се во таа насока да се воспостави ред во студентските домови за да нема злоупотреба. Секој граѓанин кој ги исполнува условите ќе биде примен. Ние имаме формирано мешана комисија во Министерството која ги разгледува сите барања за сместување едно по едно. Сите граѓани кои биле скептични може да бидат уверени дека тој епилог со малверзации е завршен. Секој што мисли да интервенира во сместувањето ќе сноси одговорност – истакна заменик миснитерот.

Листите на оние кои ќе добијат студентски кревет во домовите треба да бидат објавени деновиве.

Од 6400 слободни легла  со новите измени  40 проценти ќе бидат наменети за ранливите категории.

Опозицијата ѝ замери на власта дека условите во најголемиот студенстки дом „Гоце Делчев“ се нечовечки, многу често паѓат лифтови, а неодамна една од зградите се запали. Празно ветување како што рекоа пратениците на СДСМ бил и најавениот студентски дом во Штип, кој власта веќе 7 години го најавувала, но сè уште не бил направен.

Слично

Поврзани вести