Казнените пенали за долгот за гасифицирање достигнаа до 7,5 милиони евра
Поради тоа што не се трошеле и не се повлекувале редовно договорените износи од кредитирањето од Дојче Банка и Ерсте Банка за проектот за изградба на магистралните гасоводи Штип - Неготино - Битола и Скопје - Тетово - Гостивар, провизијата за неповлечени средства од АД Номагас, националниот оператор на системот за пренос на гас, достигна 7,5 милиони евра.
Ова е констатирано од страна на пбјавената ревизијата на Државниот завод за ревизија објавена минатата недела, а спроведена во периодот од март до септември годинава за работењето на „Акционерско друштво за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост“. Ова се однесува за делот на меѓународниот кредит од 90 милиони евра, кој инаку е договорен уште во 2015 година.
Комисија формирана годинава од Министерството за енергетика утврдила дека за овој кредит сега треба да се вратат 125 милиони евра, а во овие рамки влегуваат и 455.710 000 денари, односно 7,5 милиони евра за „законска казнена камата“.
Поради ова, Министерството за енергетика во својство на Собрание на
акционери на друштвото на 25 јули донело Одлука за зголемување
на основната главнина на Номагас, со внесување на непаричен влог во
износ од 122.158.600 евра и зголемување на акциите за 98 отсто.
Отплатата воопшто не била мрдната од место и долгот за гасификацијата бил репрограмиран со одложување на два пати по две години се до 1 април 2025, иако редовно тој инаку одамна требаше да биде исплатен.
Кредитот од 90 милиони евра беше договорен во 2015 со рок на враќање од седум години и грејс период од три години. Во озаконувањето на договорот беше предвидено дека парите може да се користат и за буџетска поддршка. По десет години , гасоводите се речиси изградени но не се пуштени во употреба од разни причини.
А.К.