Казна до 500 евра доколку се откажете од вашето домашно милениче!
Казни од 150 до 500 евра се предвидени за правните и физичките лица кои по извесен период на чување, домашните миленици ќе ги пуштат на улица. Ваквите казни се предвидени со измените на Законот за благосостојба на животните. Со новото законско решение кое треба да стапи на сила од следната година, се предвидува регистрација на одгледувалиштата и продавниците за домашни миленици. Одгледувалиштата и продавниците треба најдоцна до ноември следната година да поднесат до Агенцијата барања за регистрација.
Одгледувалиштата кои имаат две или повеќе домашни миленици наменети за расплод, се обврзани да водат уредна евиденција, да го пријават леглото и да им вградат микрочипови на миленичињата. Според измените, сопствениците на продавниците на домашни миленици треба да обезбедат соодветни простории за милениците, посбени простории за заболените животни , да водат евиденцијата и не смеат да чуваат миленици кои не се идентификувани. Новите правила ќе бидат регулирани со посебни Правилници, во кој ќе биде прецизирана и цената за регистрацијата. На домашните миленици доколку сеуште немаат, ќе им бидат инсертирани микрочипови и тие ќе бидат регистрирани во официјалните ветеринарни друштва. До крајот на годинава сите сопственици на домашни миленици се обврзани да им стават микрочип.
Од здруженијата за заштита на животните велат дека е добро што законите се напишани, но прашуваат колку и како же бидат имплементирани на терен. Од Асоцијација на активисти за права на животните посочуваат дека главен проблем и натаму е немањето доволно свест кај граѓаните.
-Задолжителното чипување на домашните миленици требаше да се воведе уште многу одамна, за да не се зголемува бројот на улични кучиња и мачки. Бидејќи кај нас постои една практика - земи куче за да си поигра детето и пушти го на улица кога ќе ти здосади. Сега, доколку ова куче има микро чип, лесно ќе се види кој е сопственикот. Но, сепак сметам дека останува проблемот на немањето доволно совест кај граѓаните. Оние што планираат да го задржат кучето, се разбира дека ќе го чипираат. Но, оние останатите можат да го вдомат и за неколку месеци да го пуштат на улица. Останува отворено кој ќе ја сноси одговорноста во таквите случаи, односно како ќе се најде газдата? Оттаму, сметам дека не е доволно само да напише закон и правилник и да се стави на хартија. Мора да се зголеми и свесноста кај граѓаните дека кога земаат миленик, тие земаат пријател за цел живот и со тоа ги преземаат сите обврски околу него. Само на тој начин ќе се овозможи контрола врз домашните миленици во земјава и спречување на нивното напуштање. А со оглед на тоа што Македонија редовно е на дното во секцијата „благосостојба на животните“ во европските извештаи, очекуваме Агенцијата за храна и ветеринарство сериозно да го земе предвид овој проблем и да го имплементира законот и правилникот онака како што е напишан, вели Мери Јордановска од Асоцијација на активисти за права на животните.Директорот на агенцијата за храна и ветеринарство изјави дека со регистрацијата ќе се подигне одговорноста за сопствеништво на домашни миленици.
- Со предвидената регистрација согласно Законот за заштита и благосостојба на животните, ќе се подигне одговорноста и свесноста кај лицата кои чуваат миленичиња и ќе се намали бројот на кучињата скитници зашто ќе се санкционира секој што ќе го остави своето домашно милениче, изјави Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринасртво.Останува забраната за чување на животни наменети за циркуски претстави Нема да има промени во останатите законски правила за благосотојба на животните. И натаму останува забраната за користње на животните за циркуски претстави, како и држење, одгледување и размножување на ендемски животни наменети за користење во циркуски претстави, односно во циркуските претстави ќе може да учествуваат само луѓе. Првите измени на Законот за благосостојба на животните се донесоа минатата година. Законот предвидува посебни одредби за животните чувани во зоолошки градини,правила за сместувањето на животните, забрана за одгледување и размножување на животни за производство на крзно. Според законските одредби, сопствениците на кучиња треба на влезната врата во дворот на видливо место да постават табла со која се укажува дека имаат куче, без разлика дали кучето или кучињата чиј е сопственик се опасни или не. Оние кои чуваат опасни кучиња треба да обезбедат услови за држење на таквото животно соодветно за расата, потребите и карактеристичното однесување, односно кучето да се чува во заграден простор или врзано, при движење кучето да биде врзано на поводник и да му се стави заштитна маска и да биде придружено од полнолетно лице. Кучињата кои се затекнати во организирана борба со кучиња се одземаат и привремено сместуваат во прифатилиште за бездомни кучиња или на друго соодветно место заради нивна изолација, опсервација и спроведување на потребните мерки предвидени со прописите од областа на ветеринарното здравство. И за непочитувањето на овие правила се предвидени ригорозни казни од 100 до 12.000 евра. Највисоката казна поточно 12.000 евра е за равно лице доколку предизвикува болки, патење или повреди, сурово и нехумано се однесува кон животните и ги убива спротивно со одредбите од овој закон, поттикнува агресивност на животните против други животни, организира и одржува борби меѓу животните за какви било намени. Ј.С
Слично
