Кавга меѓу Жерновски и ВМРО-ДПМНЕ
Градоначалникот на општина Центар и владеачката партија по распитот на Жерновски во СЈО вербално ги мерат силите.
Обвинувања за манипулации и од двете страни.
После три часа давање исказ во СЈО, Жерновски преку медиумите на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ му порача дека местото не му е во политиката.
„Од денеска уште повеќе верувам дека правдата ќе ги стигне сите, и дека треба да одговараат не само криминалците, туку и насилниците.
Очигледен пример за такво нешто е Никола Груевски кој што исфрустиран од поразот во Општина Центар, од позиција на премиер нарачува демолирање на општината, која е во рацете на опозицијата и нарачува шамари и физичка пресметка со мене. Тоа е една од најгрозните вистини за него, кои што ги дознаваме од прислушуваните материјали. Од тие материјали можеме да видиме дека станува збор, не само за криминалец, туку и за насилник и за кукавица“, изјави Жерновски.
Од владеачката гарнитура, пак велат дека Жерновски е интригант и му останала само манипулацијата.
„Мераклиите за земање мито и рекет преку хаусмајстори и возачи може да се престават за се, освен за чесни луѓе. Најнеспособниот градоначалник во Македонија, во изминатите години наместо од работа и проекти политички опстојува од манипулации, лаги и политички флоскули. Кога беше претседател на партија не се одлучи сам со својата партија да излезе на избори бидејќи знаеше што го чека од граѓаните, па мораше да се врати во позицијата привезок на СДСМ“.
Одамна е прочитан овој евтин интригант кој денес откако е сменет од претседател на неговата партија, од неговите членови тој е и целосно партиски маргинализиран. Му преостана само она што единствено го знае да плука, навредува и манипулира, се вели во партиската реакција“, реагира ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на градоначалникот на општина Центар.
За потсетување Жерновски денеска беше на распит во СЈО каде беше испрашуван за предмет поврзан со општина Центар.
Јанева го отвори случајот за нарачаните шамари од Груевски за Жерновски и за демолирањето на општинските бараки.
За овој случај можевме да слушнеме во една од опозициските бомби.
За што стануваше збор?
Можевме да слушнеме, како што тврдеше Заев, како екс премиерот Никола Груевски, во разговор со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, нарачува и договара протест пред општина Центар во наводна одбрана за рушењето на новата црква, при што дел од донесените граѓани треба да влезат во салата на Советот и, пред сите советници и медиуми, да му “врзат три-четири јаки шамари” на тукушто избраниот градоначалник на општина Центар.
За вандализмот и демолирањето на општината, Жерновски во неколку дописи до екс министерката за внатрешни Гордана Јануловска, бараше одговорност за нарачателите и сторителите. Сепак, иако дел од нив беа фотографирани со неа и со Груевски, односно беа и делегати на Конвенцијата за избор на Ѓорге Иванов за претседателски кандидат на ВМРО- ДПМНЕ, до денес истите не се идентификувани и санкционирани.
Случајот сега го работи Специјалното јавно обвинителство. Деталите засега не се откриваат.
