Катругалос вели дека ќе се бара решение за името независно од политичката цена
Грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос пред пратениците во грчкиот Парламент изјави дека грчката Влада ќе бара решение за спорот за името без оглед на политичката цена, доколку за тоа има подготвеност и кај другата страна бидејќи за танго се потребни двајца.
Тој ја обвини опозициската Нова демократија за политичка неодговорност, лажен патриотизам и ширење национализам. Вели дека лидерите на партијата јавно имаат признаено дека се согласиле за сложено име во кое би бил содржан терминот „Македонија“.
Катрагулос повтори дека Владата ја застапува позицијата за сложено име за севкупна употреба што би оневозможило каква било форма на иредентизам.
За обвинувањата од опозицијата дека Владата на Алексис Ципрас води тајна дипломатија, Катрогалос кажа дека тоа е хипокризија. Тој објасни дека преговорите се водат на два начини, со посредство на ОН, но и преку интензивен дијалог меѓу владите во Атина и Скопје што ја вклучува и денешната средба на највисоко ниво меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев во Давос.
Катругалос апелира до сите политички сили во Грција на патриотизам, но, како што рече вистински патриотизам, а не патриотизам како професија за остварување политички цели.
