Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАТНИ ГАРАЖИ, ФАСАДИ, ТРАМВАЈ: што ќе се гради во следните три години во Скопје?

КАТНИ ГАРАЖИ, ФАСАДИ, ТРАМВАЈ: што ќе се гради во следните три години во Скопје?
Над 36,2 милиони евра ќе се одвојат следната година од градската каса за  проекти наменети за подобрување на инфраструктурата, изградба и реконструкција на патишта и инфраструктурни објекти, изградба на на комерцијални објекти, трамвај, проекти за енергетска ефикасност и други проекти предвидени со Програмата за Развој 2015-2017 година. Нешто повеќе од 2 милиони 160 илјади евра следнатагодина се предвидени за подобрување на условите за работа на градската администрација што Градот Скопје планира да ги исполни преку набавка на компјутерски софтвер, изградба на новиот административен објект - градска куќа и купување канцелариски мебел и друга опрема за потребите на градската администрација. Во 2016-та година за оваа намена од градскиот буџет ќе се одвојат повеќе пари или 3.813.008 евра, а во 2017-та над 5,7 милиони евра. За изградба на комерцијални објекти односно катни гаражи догодина се планирани 5.282.926 евра. Следните две години 2016-та и 2017 –та година сумата се планирани помалку пари или близу два милиони евра. -Примарна цел на проектот е повеќекратно зголемување на бројот на паркинг места во оној дел од градското ткиво кое претрпува најголемо оптоварување со динамички и стационарен сообраќај. Ефектите од изградбата на катните гаражи се повеќекратни, пред се во зголемување на безбедноста во сообраќајот заради намалување на бројот на паркирани возила по тротоарите и улиците во централното градско подрачје. Во 2015 година се планира завршување на катната гаража Даме Груев. Со проектот за изградба на Луна Паркот се предвидува зголемување и обогатување на културно-социјалниот живот на граѓаните во градот, стои во образложението од Градот Скопје. Над 6,8 милиони евра од градската каса следната година се планирани за реконструкција на и доградба на објекти и фасади. Во 2016-та година за оваа намена се планирани 2.260.162 евра, а во 2017-та ќе се одвојат 1.073.170 евра. -Целта на оваа програма е да се изврши обновувањето на фасадите на зградите кои гравитираат во  централното градско подрачје, односно околу градскиот плоштад со што ќе се овозможи свеж и обновен изглед на центарот на градот кој е особено привлечен за странските туристи. Дел од средствата потребни за обновување на фасадите се обезбедени преку капитални дотации од Буџетот на Република Македонија, пишува во образложението на Градот. И покрај неколкуте пропаднати тендери за јавно-приватно партнерство, градските власти не се откажуваат од проектот за изградба на трамвајска линија. Догодина за изградба на трамвај и инвестиции во јавниот градски превоз се планирани 1.382.113 евра, следната 2016-та година планираната сума е зголемна на 2.796.747 евра, а најмногу пари за трамвајот е планирано да се одвојат во 2017-та година над 13,2 милиони евра. -Целта на оваа потпрограма е воведување трамвајски јавен превоз на подрачјето на Град Скопје. Општи цели кои треба да се постигнат со воведување на трамвајскиот систем е промоција на економскиот и општествениот развој на Град Скопје, како и подобрувањето на климата за инвестиции во секторот транспорт.  Посебна цел e зголемување на ефикасноста на јавениот превоз на патници, преку надградувањето на автобускиот превоз со трамвајски превоз кој нуди поголема брзина во услугата, поголема сигурност и поголема удобност, како и заштита на животната средина преку  промовирање на употребата на енергетски ефикасни возила и возила со помали нивоа на загадување. Во оваа програма се предвидува и имплементација на систем за интелигентна наплата на карти за јавен превоз, како и завршување со поставување настрешници за автобуските стојалишта со што ќе се подобрат условите на граѓаните кои го користат јавниот превоз, образложуваат од Градот. Следната година најголем дел од сумата за капитални инвестиции е планирана за изградба и реконструкција на улици,булевари, мостови, тротоари,надвозници. За оваа намена догодина од градската каса ќе се одвојат 14.771.512 евра, дури над 24,6 милиони евра се планирани во 2016- година, и околу 17,2 милиони евра за подобрување на сообраќајот ќе се одвојат во 2017-та година. -Целта на потпрограмата е подобрување на сообраќајот на подрачјето на Град Скопје, преку реализација на сообраќајните решенија за магистралните и собирните улици согласно ГУП на Град Скопје и соодветните ДУП-ови. Со реализација на оваа потпрограма ќе се обезбеди поголема проодност на возилата, како и побрзо и подобро сообраќајно поврзување на подрачјето на Градот што ќе се остварува преку, подготвување на проекти на улици, реконструкција на улици и булевари, реконструкција на мостови, реконструкција на тротоари, изградба на автобуски постојки и стојалишта и изградба на надвозници, стои во образложението од Градот. Со Програмата за развој во следните три години се предвидени средства за проекти за енергетска ефикасност, системи за водоснабдување, системи за прочистување на отпадни води, изградба на сообраќајна сигнализација, инвестиции во секторот за противпожарна заштита. За Предлог Програмата советниците ќе дискутираат следната недела на закажаната седница на Советот на Град Скопје. Ј.С
Слично

Поврзани вести