Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАТИЦАМАНИЈА: Македонија „полуде“, Јанева ќе има тешка задача да ги замолчи скептиците!

КАТИЦАМАНИЈА: Македонија „полуде“, Јанева ќе има тешка задача да ги замолчи скептиците!
Од одушевување, до отворено разочарување. Од јавна манифестација на радост до силна малодушност. Името на Катица Јанева, како и да е, предизвика силна возбуда во Македонија. И меѓу обичните напалени фејсбук и твитер „навивачи“ и меѓу експертската фела. Најразочарани се од граѓанскиот корпус кон кој пледира СДСМ. Се чувствуваат изневерени. Не добија робустен обвинител кој требаше да ги збрише инкриминираните во власта. Добија женичка на 50 тина години, тотален анонимус за јавноста, прилично непозната за фелата, но секако човек кој претставува своевидна енигма. Професорот на правниот факултет, Гордан Калајџиев, кој исто така се споменуваше како можно решение, се сомнева во интегритетот на Катица Јанева.  За 24 вести вели дека и покрај неговото 30-годишно искуство, таа не му е позната како истакнат обвинител. Калајџиев кој е и претседател на Хелсиншкиот комитет, вели дека на некој начин граѓанскиот сектор се чувствува изневерен од СДСМ и меѓународната заедница. Со слични тонови излегоа и неколку други луѓе од т.н. граѓански сектор. Провладините медиуми пак се воздржани во оценката. За Јанева велат дека била личност со интегритет и е високо почитувана во својата професија. Не навлегуваат во подетални оценки. Се чувствува дека нивната воздржаност носи доза на неизвесност. Која е Катица Јанева? „Самоуверена, полна со себе, на моменти дури и арогантна“. Вака ја опишуваат карактерно специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од Гевгелија, луѓе од нејзиното опкружување, со кои работи или соработува, напиша Новатв. Инаку потекнува од семејство на познат судија, кој бил и претседател на основниот суд во Гевгелија. Нејзиното именување е директен предлог на олеснувачите на преговорите, но се појавија и информации дека таа била единствено име што се појавила на листите и на ВМРО и на СДСМ. Учествувала на тренинзи и обуки и во академијата и на меѓународни семинари, во САД и Италија. Фактот што се уште е енигма за јавноста е нејзината најсилна предност во овој момент. Без опашките што ги носи партиското делување има шанси за историски успех. Нема црни дамки, ниту „преродбеничко“, ниту „предавничко“ минато. Никој нема да може да ја плука и навредува, оти таа е едноставна жена од Гевгелија. Некои велат тоа е нејзина маана. Ќе може ли да одолее на притисоците, непристојните понуди, замките во кои ќе ја носат оние што ќе сакаат да ја попречат нејзината работа? Како и да е, многу прашања на кои скоро ќе го добиеме одговорот. Не смее да се заборави дека САД и ЕУ стојат зад законското решение со кое на Јанева и дадоа комплетно одврзани раце. Некои велат дека законскиот предлог на Вашингтон и Брисел е дури подобар од предлог законот на опозицијата, која беше најзаинтересирана за обвинителот?! Затоа, времето е пред Катица. Од неа не зависи само историската поставеност на правосудниот систем, туку на тест ќе биде функционалноста на целото општетсво. Ќе ја биде ли Македонија или не? Р.Ф.
Слично

Поврзани вести