„Катимерини“: Се крши неформалниот грчко-бугарски “фронт” против екстремниот национализам на Скопје
Грчкиот весник „Катимерини“ во текст под наслов „Промена на балансот на Балканот“ пишува за најновите случувања на Балканот по потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Бугарија.
Според весникот, сега, со потпишувањето на договорот, за кој долго се разговараше, се ‘крши’ неформалниот грчко-бугарски “фронт” против екстремниот национализам на Скопје.
Договорот за добрососедство и соработка, кој минатата недела во Скопје го потпишаа премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, несомнено беше главен политички и дипломатски настан во последните денови во регионот и секако, не ја остави Атина рамнодушна, пишува весникот.
„Односите меѓу двете земји, од создавањето на ПЈРМ во 1991 година, се развиваа во атмосфера на сомневања, со тоа што Софија прва во 1992 година ја призна новата држава под нејзиното уставно име, но не и постоењето на ‘македонска нација’, бидејќи смета дека словенскиот елемент на ПЈРМ е дел од бугарската нација“ - потсетува весникот.
Како резултат на ставот на бугарската страна дека не постои „македонски јазик“ или посебна историја на народот, тврди „Катимерини“, „повремено се предизвикуваа тензии во билатералните односи кои во последните години се интензивираа поради иредентизмот во надворешната политика на Груевски“.
Весникот коментира дека страстите меѓу двете „братски“ земји на периоди се разгорувале на различни теми, како што се кому му припаѓаат Кирил и Методиј или цар Самуил, кои освен на Балканот, тешко дека можат да се прифатат како причини за тензии.
Весникот пишува дека многу пати, Софија отворено се пожали на Скопје за неговата политика на иредентизам и територијални претензии кон Пиринска Македонија, заканувајќи се дека ќе го блокира приемот на земјата во НАТО и ЕУ, пишува „Катимерини“.
Според весникот, во последните години, Бугарија и Грција се нашле на иста страна „да се борат со агресивниот национализам на Скопје, чиј гласноговорник бил Никола Груевски со неговите статуи и архаични галии во Вардар, но без, барем официјално, да се создаде „антимакедонска оска“ меѓу Атина и Софија.
Грција останува сама да се бори против ‘иридентистичката политика’ и кршењето на ‘добрососедските односи’ од страна на власта на ПЈРМ и оваа нејзина ‘осаменост’ не оди во прилог на нејзините дипломатски маневри во врска со претстојните настани поврзани со евроатлантските цели на соседната држава, коментира „Катимерини“.
