Економија, финансии, бизнис

Контакт

Категорично НЕ од граѓаните за евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање

Категорично НЕ од граѓаните за евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање

Меѓународниот монетарен фонд(ММФ) и Светска банка(СБ) ќе анализираат, а Владата ќе одлучи дали ќе се зголеми старосната граница за пензионирање, но граѓаните се против.

Тие не сакаат зголемување на старосната граница за пензионирање. Идните пензионери се загрижени за себе, но и за благосостојбата на помладите генерации. Објаснуваат дека населението во Македонија не може да се пофали со добро здравје и со виталност како во европските земји, но наведуваат и дека во некои сектори како што е градежништвото, работата на стари години станува сѐ потешка.

„Не се согласувам да има зголемување на старосната граница за пензионирање, затоа што нашиот народ е измачен, истрошен. Имам работен стаж и до пензија ми остануваат уште 10 години. Ако донесат таква мерка за зголемување, нема да ми биде сеедно, тоа не е добро. Ако морам да работам, ќе работам и подолго, ама не треба така да биде. Општо, за никого не е добро“, рече Снежана Петковска, граѓанка.

И помладите се со слични ставови.

„Не, никако не смее да се зголеми возраста за пензионирање затоа што така многу луѓе нема ни да дочекаат пензија“, кажа млада кумановка.

Граѓаните сакаат и во иднина да продолжат да важат истите правила за пензионирање како и досега.

„Сакам луѓето да си влезат навреме во пензија, да не работат подолго, затоа што не се способни, посебно во градежниот сектор“, додава Бетка Галичевска, граѓанка.

Друга жена вели дека треба да им се дозволи на луѓето да продолжат да работат, но тоа да биде на доброволна основа, само ако некој има желба да работи подолго.

„Тоа е индивидуално, кој е способен нека работи, а не да мора сите задолжително со закон да работат подолго. Зависи кој што работи, зависи од работното место. Секој не е способен да продолжи да работи“, додаде Билјана Илиевска, пензионерка.

Некои граѓани велат дека ако се случи да се зголеми старосната граница за пензионирање, треба да има протести и народот да искаже револт.

„Против сум, нема шанси некој да работи на тие години. Треба да протестираат луѓето, тоа не би било добра мерка“, кажа постара жена.

Друга граѓанка прашува што ќе работат младите, ако пензионерите работат подолго.

„Не е исправно да се зголеми возрасната граница за во пензија. Младите што ќе работат? Значи младите да не работат, а старите да работат? Младите кои се во средно, одат да работат во кафулиња или да доставуваат храна, ама па некаде им одговарале дека имало пензионери за работа“, вели пензионерка.

Нашите соговорници објаснуваат дека постарите ја губат трката со помладите во однос на совладување на нови вештини, работа со компјутери и слично.

„Треба да ја намалат возрасната граница за во пензија, а не да ја зголемат“, рече Рената Стојмановска, граѓанка.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска деновиве изјави дека меѓународните финансиски институции ќе направат детална анализа на состојбата во пензискиот систем, со посебен акцент на првиот и вториот пензиски столб и нивната долгорочна финансиска одржливост. Според неа, анализите треба да дадат појасна слика за состојбите, но тоа не значи дека Владата автоматски ќе ги прифати сите препораки. Димитриеска-Кочоска посочи дека една од можните теми што би можеле да произлезат од анализите е и евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање, но нагласи дека во моментов станува збор само за можност, а не за конкретен предлог. Таа рече дека лично смета оти треба да се овозможи поголема флексибилност, односно граѓаните кои сакаат и можат да продолжат да работат да имаат таква можност, додека оние што сакаат да се пензионираат според важечките услови да не бидат принудени да останат подолго во работен однос. Министерката предупреди дека најголемиот предизвик за пензискиот систем останува неповолната демографска слика. Стареењето на населението и намалувањето на бројот на работоспособни граѓани, како што кажа, претставуваат сериозен ризик за долгорочната одржливост на пензискиот фонд, не само во Македонија, туку и во повеќето европски држави.

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) забележува дека стареењето на населението во светот ќе биде брзо во следните 25 години. Најпогодени ќе бидат Јужна Кореја, Грција, Италија, Полска, Словачка и Шпанија. Се наведува дека некои земји ја зголемиле возраста за пензионирање, други направиле пензиски реформи или пак преку одредени бенефиции се трудат да им го олеснат животот на луѓето во третото доба.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести