Катастарот со олеснителни услуги за буџетските корисници
Агенцијата за катастар на недвижности ја поедноставува постапката за поднесување барање и плаќање надоместок без провизија за користење на нејзините услуги преку буџетските корисници.
Се поставуваат ПОС терминали во сите буџетски корисници, почнувајќи од главниот град па со сите општини ширум земјава.
Сите корисници кои имаат сметки во деловните банки како што се адвокатите, нотарите, проценителите веќе имаат платежни картички и го користат виртуелниот ПОС терминал за плаќање на услугите кон Катастарот. Сите буџетски корисници, пак, како што се општините, агенциите, управите, министерствата досега надоместоците кои ги плаќаат до Катастарот ги плаќаа на фактура.
Новината е тоа што Агенцијата за катастар на недвижности ќе испорача ПОС терминал до секој од буџетските корисници и граѓанинот ако досега мораше да дојде до општината да праша колку треба да плати надоместок за да може да се поднесе барањето, па да оди во банка да го уплати износот со банкарска провизија и повторно да се врати во општината да ја донесе уплатницата за да се поднесе барањето до Катастарот, сега тој чекор веќе го нема. Инвеститорот доаѓа, системот автоматски пресметува колку треба да се плати и со платежна картичка веднаш на лице место се врши плаќање и поднесување барање до Катастарот, рече директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески на денешната прес-конференција.
