Катастарот продолжува со воведување нови системи
Агенцијата за катастар на недвижности помогната од Светска банка продолжува со воведувањето нови системи со кои се зајакнуваат капацитетите на Агенцијата, a со тоа се воведува ефикасно и економично работење и се подобруваат и услугите кон граѓаните и бизнис-заедницата.
Денес, по завршувањето на повеќемесечното тестирање, беше претставен новиот софтвер за интегрирано планирање на ресурси (Enterprise Resource Planning - ERP).
ЕРП е систем кој ги обединува внатрешните бизнис-процеси на Агенцијата, и тоа финансиите, човечките ресурси, набавките и основните средства. Овој систем за интегрирано планирање на ресурси ги стандардизира и ги поедноставува процедурите кои се одвиваат во секторите за финансии, човечки ресурси, аналитика и логистика и овозможува комплетна слика за менаџментот за состојбата со приливи и одливи и приходи и расходи, кадровските капацитети и нивната искористеност, динамиката на трошење на материјалните ресурси во магацинот на АКН и полесно планирање на потребните ресурси за наредниот период врз основа на релевантни и точни податоци.
Со овој интегриран систем се заменија 6 поранешни апликации со ограничени можности кои се неповрзани меѓу себе, без можност за размена на податоци и информации. На постоечките податоци од старите системи им се подобри квалитетот, се изврши обединување, унификација и стандардизација во новиот ЕРП систем. Исто така, во ЕРП системот се внесени и податоците кои во последните 50 години беа водени во хартиена форма.
Системот ЕРП е поврзан со електронскиот катастар, со што се автоматизира пресметката на ефикасноста на вработените врз основа на остварениот учинок согласно со дејностите што ги извршуваат секојдневно.
Во ЕРП системот се опфатени следните модули:
- Матични податоци
- Сметководство и финансии
- Материјална евиденција
- Комерција
- Човечки ресурси
- Евиденција на работно време
