Економија, финансии, бизнис

Контакт

Капушевски отстапи удел во РКМ и доби бизнис-партнер за набавки на течни горива

Капушевски отстапи удел во РКМ и доби бизнис-партнер за набавки на течни горива

РКМ Дооел, покрај Ратко Капушевски, доби уште еден сопственик - Ерџан Сулкоски, бизнисмен од Кичево и сопственик на „Пацифик Петролеум“. Оваа компанија е специјализирана за набавка на течни горива за затоплување, а често била партнер во јавните набавки со „Пуцко Петрол“.

Поранешниот политичар Капушевски минатата година се врати како сериозен играч на пазарот на големо со горива во земјата, особено откако мазутот стана важен супститут во недостатокот на природен гас и јаглен.

РКМ по долги години пауза, во 2021 се врати со продадени 12.245 тони мазут и со 3,62 отсто од структурата на продажба на какви било горива на големо.  Компанијата во 2020  увезе само 1 218 тони мазут и тоа главно продаден на пазарот на мало, а инаку истата година доби лиценца за увоз на мазут на големо од страна на Регулаторната комисија за енергетика.

РКМ ланската година ја заврши на 9 место по количини на продадено гориво на големо, а имаше повеќе продажба дури и од Лукоил со 10.803 тони гориво продадено на пазарот. Оваа година се очекува уште повисок ранг на листата.

Според претходни медиумски натписи, компанијата на Капушевски со два договори требаше да го снабди рестартираниот ТЕЦ Неготино со188 000 тони мазут за термоцентралата за време на изминатата грејна сезона со што се очекува за 2022 да избие на првото место како трговец на големо.

„РКМ ДООЕЛ“ претходно во два наврати склучи јавни набавки со БЕГ за доставување на мазут како резерва во случај на недостиг на природен гас - еднаш во 2020 и еднаш на почетокот на 2022.

Оваа компанија на средината од минатата година беше меѓу седумте парично казнети компании за констатирани неправилности со дистрибуирањето мазут кои добија прекршочни казни во вкупен износ од 55.510 евра. РКМ беше санкционирана за немање на залихи и за неточно водење на сметководство 

А.К.

Слично

Поврзани вести