Капушевски и Сулкоски ќе набавуваат 180.000 тони мазут за ТЕЦ Неготино
РКМ на Ратко Капушевски и неговиот од неодамна нов бизнис партнер Ерџан Сулкоски го добиле тендерот на ЕСМ за набавка на 180.000 тони мазут за потребите на ТЕЦ Неготино до крајот на грејната сезона.
Тендерот беше затворен на крајот на ноември, откако претходно имаше повици за набавка на 190.000 тони мазут за ТЕЦ Неготино и нешто повеќе од 20.000 тони за подружниците на ЕСМ. На повикот не беше дозволено делумна понуда.
Од ЕСМ ни рекоа дека договорот е склучен на 180.000 тони, но не прецизираа за цената, освен дека е постигната според важечката што е одредена од регулаторот. Моментално максимално дозволената цена на мазутот е 40 денари, па според тоа може да се искалкулира дека станува збор за договор вреден 118 милиони евра.
РКМ Дооел, покрај Ратко Капушевски, во август доби уште еден сопственик - Ерџан Сулкоски, бизнисмен од Кичево и сопственик на „Пацифик Петролеум“. Оваа компанија е специјализирана за набавка на течни горива за затоплување, а често била партнер во јавните набавки со „Пуцко Петрол“.
Поранешниот политичар Капушевски минатата година се врати како сериозен играч на пазарот на големо со горива во земјата, особено откако мазутот стана важен супститут во недостатокот на природен гас и јаглен.
„АД ЕСМ спроведе транспарентна и конкурентна постапка за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Испратени беа покани за доставување понуда до сите лиценцирани компании за трговија со мазут. Најповолна понуда поднесе досегашниот снабдувач, РКМ. Цената на мазутот е регулирана, и сумата ќе се исплаќа според важечката цена одредена од Регулаторната комисија за денот на испораката на мазутот“, гласи одговорот кој го добивме од ЕСМ.
ТЕЦ Неготино беше вклучен на мрежа минатата недела. Во моментот произведува електрична енергија со еден котел, додека активирање на вториот котел за постигнување на максимален капацитет е планирано за следната недела, по стабилизирање на системот. Вкупниот капацитет за производство не ТЕЦ Неготино изнесува 180 мегавати, односно инсталиран капацитет колку што има еден блок на РЕК Битола.
Со цел да се зголеми домашното производство на електрична енергија, кон крајот на ноември минатата година македонската Влада се согласи да се активира термоелектраната во Неготино, која претходно не работеше од 2009 година.
На крајот од минатата и на почетокот од годинава, додека траеше претходната грејна сезона, според претходни медиумски објави, ЕСМ со РКМ склучи договори за набавка на мазут за ТЕЦ Неготини со вредност од над 112 милиони евра. Вкупната количина била околу 180 илјади тони.
Александар Кузмановски
