Кандидатите од СДСМ на нотар за да се откажат од мандатите
Сите кандидати на СДСМ од шестте изборни единици на предвремените парламентарни избори, попладнево на нотар потпишуваат дека се откажуваат од пратеничките мандати.
Процедурата е потребна затоа што законот предвидува дека доколку пратеник се откаже мандатот, тој му се нуди на следниот на кандидатската листа. На овој начин, партијата ќе го обезбеди спроведувањето на одлуката за враќање на сите 34 освоени мандати во Собранието на последните избори, во знак на непризнавање на изборниот процес и резултатите.
Кандидатите на НСДП, кои исто така се наоѓаа на истите листи, уште минатата недела најавија дека ќе ја следат одлуката на СДСМ, а истиот чекор ќе го следи и ЛДП.
На листите има кандидати и од Обединети за Македонија, ПДТ (Партија за движење на Турците во Македонија), ПЦЕР (Партија за целосна еманципација на Ромите), ССМ (Српска странка во Македонија), Демократскиот сојуз на Власите во Македонија и Санџачка лига, кои сеуште не објавиле што ќе прават со своите мандати.
Конгресот на партијата, на кој треба да се расправа за изборните резултати и за одлуката да се вратат мандатите, ќе се одржи на 11 мај.
Слично
