Канческа-Милевска задоволна од парите за култура
За време на денешната седница, Советот за култура ја поздравил активната меѓународна соработка и претставување на културата на Македонија во странство, бидејќи се потпишани билатерални договори со шест држави за соработка во културата, а Македонија во 2012-та беше комплексно претставена во Киев, Лондон и Брисел како и на многу на манифестации и фестивали на кои редовно учествува.
„Постигнатите резултати во оваа дејност беа позитивно оценети од Советот. Заедно ги лоциравме пунктовите на кои во иднина треба уште поинтензивно да работиме, со цел да ги унапредиме културните врски со другите земји и силно да ја промовираме македонската култура во меѓународен контекс“, изјави по состанокот министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Таа информираше дека изминатава година биле поддржани 230 проекти за меѓународна соработка, а посебно ги истакна проектите на културно-информативните центри во Софија и Њујорк.
Според Министерката подемот во меѓународната презентација во изминатите години се должи на зголемениот буџет за меѓународна соработка, кој во 2012 година изнесувал 75 милиони денари или двојно повеќе од 2006-та кога за таа намена биле издвоени 36 милиони денари.Од Министерството информираат дека во 2013 година Македонија ќе испрати свои претставници на познати културни манифестации, како Венециското бинале за уметност, на меѓународни саеми на книга, а ќе се претстави и во Марсеј кој, покрај Кошице, е европска престолнина на културата идната година.
