Канцеларот Мерц нуди формула за проширување на Унијата со Украина и други земји
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, не отстапува од намерата Украина да влезе во ЕУ. Во минатото се нудеа разни варијанти за таа цел, но не помина ниту една од нив. Ни членство до 2027 година, како што бараше украинскиот претседател Владимир Зеленски, ниту забрзано членство, кое Украина го отфрли, бидејќи мораше да спроведе еден куп реформи, кои ќе ги завлечкаа работите, па ништо од забрзувањето. Се споменуваа и копенхашките критериуми, а со нив работите уште повеќе ќе се завлечкаа.
Сега Мерц излезе со нова идеја, прати писмо до првите луѓе на ЕК, Европскиот совет и претседавачот со ЕУ со нова формула. На Украина, да и се даде можност за придружно членство, а за другите кандидати „иновациони решенија“ за забрзано членство. Украина треба да биде интегрирана во европските институции. Да оди на состаноци на највисоко ниво, но без право на глас, да има комесар, кој „нема ништо да работи“, да има „судски помошник’ во Европскиот суд. Да бира европратеници, но, кои ќе бидат без право на глас...За другите кандидати за членство привилегии ќе бидат достапот до единствениот пазар, потесно учество во секојдневната работа на институциите на ЕУ и набљудувачи во разните органи на Унијата. Сите тие паралелно ќе преговараат за членство. Доколку некој кандидат не работи добро, не ги исполнува условите за членство, ќе нема протекција. Канцеларот Мерц за своите предлози очекува да разговара во ЕУ на самитот во средината на јуни.
Во Украина предлогот на Мерц официјално беше отфрлен. За Зеленски присуството на Украина во ЕУ треба да биде полноправно. Без Украина, смета тој, нема целосен европски проект. Тој бара што побрзо отворање на кластерите. И содржаен напредок во преговорите. Сега го нема Виктор Орбан, унгарскиот премиер, да става вето. Статусот на придружен член во ЕУ, за Зеленски е неправеден бидејќи ќе го отстрани Киев од правото на глас. Вицепремиерот на Украина задолжен за евро-атлантски интеграции, Тарас Качка, го толкува ставот на Зеленси како залагање за „политички рационални чекори“. Демек, Украина не може да си дозволи проширување на ЕУ, како пред 20 години. Реалноста е поинаква. Украина е за почитување на сите критериуми за членство, но укажува дека Русија води војна со неа, што значи дека и тоа треба да биде земено предвид во постигнувањето на главната цел -целосно членство во Унијата. А не симболично. Украинскиот претседател тврди дека Украина ја штити Европа од Русија, и тоа не симболично, туку реално. Па затоа не може да прифати симболичен статус во ЕУ.
НИЕ ОРУЖЈЕ- ВИЕ ЖРТВИ
Овде Зеленски е во право. Не дека ја брани Унијата од Русија. Туку во фактот дека Украина е во војна и по вина на Западот, кој не дозволи реализирање на мировниот договор од Истанбул, туку ја убеди Украина дека треба да војува. Со мисла дека Русија ќе биде поразена во војната. И денес од Европа се слушаат гласови за поголемо ескалирање на војната. Се разбира на сметка на загинатите Украинци. Факт е дека Украина има проблеми со бројноста на армијата. Проблеми со мобилизацијата. Некои од европските земји бараат начини да ги натераат пребегнатите Украинци кај нив да се вратат во Украина и да одат на фронтот. Во Украина луѓето, ученици и студенти, до 25 години, не подлежат на мобилизација. Зеленски упорно одбива да го направи тоа. Но е под притисок на Европа да го смени ставот. Пред извесно време на оваа тема од Европа дојде порака:“ Ние ви даваме со што да војувате, а вие најдете си кој да војува“. Во смисла, ние ви даваме оружје, а вие најдете си жртви. Никој од ЕУ не помислил да прати свои војници во Украина. Се договараа да праќаат, кога и ако се склучи мировен договор со Русија и дојде до прекина на огнот.
Затоа и предлогот на Мерц наиде и на негативни реакции во украинската јавност. Се разбира имаше и позитивни, демек „земи го тоа што ти го даваат“, но доминираат полемичките, критичките. На пример, придружното членство го нема никаде во актите на Унијата. Во меѓувреме Украина има Договор за придружување со Унијата од 2014 година, па предлогот за некое ново „придружување“ без правни гаранции и без вистински предности е опција осудена на неуспех. Дотолку повеќе што пред три недели во „Фајненшел тајмс“, беше објавен сличен предлог од Франција и Германија, кој Украина го отфрли. Сега Мерц внесува мали корекции и смета дека работите ќе го добијат саканиот тек.
Некои експерти сметаат дека патот што го предложи германскиот канцелар е осмислен да ја замрзне украинската позиција во „предворјето на Европската Унија“ со години, а истовремено да им ја отвори вратата на други кандидати. На пример, Молдавија и напреднатите држави од Западен Балкан....Исто така статусот што го нуди Мерц правно не значи ништо. Ако се промени владата во Берлин или Брисел, Украина би можела да остане и без тој статус. Ќе нема ни финансирање на Украина според правилата кои важат и за другите членки. Се разбира и Украина нема да одвојува пари за буџетот на ЕУ. Ќе има посебни проекти за помошна Украина, но тоа го има и сега. На пример 90-те милијарди долари за воена и буџетска поддршка.
АУТСАЈДЕРИ
Се смета дека во заднината на предлогот на Мерц има само еден сектор за итна интеграција. А тоа е безбедноста. Берлин очигледно сака да го вклучи Киев во сите процеси, вклучувајќи и меѓусебни гаранции за безбедност, според членот 42, точка 7 од Договорот за ЕУ. Нешто како членот 5 од НАТО. А тоа ќе биде и главниот адут на Украина во преговорите за членство. Ако Германија или ЕУ имаат намера или некој влезе во војна со Русија, тогаш, според погоре споменатиот член, ќе и бидат добредојдени стотиците илјади украински војници. Кои, заедно со руските, во моментов се воено најспособни во Европа. Или, пак, војната во Украина ескалира, па ЕУ ќе треба да и помогне против Русите. Инаку, Мерц, пак, смета дека со ваквиот план, на САД ќе им се олесни работата во преговорите со Русија.
На Киев не му е сеедно што се нуди пат кон брза интеграција на Молдавија, како и за напреднатите држави од Западен Балкан, Албанија и Црна Гора. Мерц, според украински извори во своето писмо пишува: „Предлагам да се разгледаат иновативните решенија за овие земји кандидати...и да се забрза процесот на нивното членство“. И тогаш украински партнери веќе нема да бидат Молдавија и другите кандидати, туку „аусајдерите на европското проширување, како Босна, Србија и Северна Македонија“, тврдат експерти. А Украина би останала во некој од ходниците на ЕУ. Без право на глас, без достап до фондовите. ЕУ ќе добие се’ за што е заинтересирана. Таа е веќе на украинскиот пазар.
Оттука паѓаат во вода шансите Украина да го прифати предлогот на Мерц. Зеленски тоа веќе го кажа. Во ЕУ потврдија дека примиле писмо од Мерц. И таму ја поздравуваат дискусијата меѓу земјите членки, и повикуваат таа да продолжи и во Европскиот совет. Со нагласка дека и државите членки се сериозно настроени проширувањето што побрзо да се реализира. Претседателката на Молдавија, Маја Санду, се надева дека предлогот на Мерц нема да забави почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Кое за неа е и клучен фактор за безбедноста на земјата. Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, го критикуваше предлогот на Мерц. Тој е уверен дека таа идеја нема да има доволна поддршка меѓу членките на Унијата. Според него или се прима некој во членство во Унијата или не. Фицо смета дека во моментов други земји треба што побрзо да се примат во Унијата. А тоа се Црна Гора, Албанија и Србија.
ПРИВИЛЕГИРАН ТРЕТМАН
Предлогот на Мерц наиде на забелешки и во медиуми во Германија. Добри намери со непредвидливи последици, се пишува за него. Се тврди дека канцеларот сака да го зголеми европското влијание и да создаде нова реалност, пред тоа да го направат други. Се мисли на Русија и САД, кои би ја натерале Украина да се откаже од некои свои стремежи. Намерата на Мерц е добра, ама тоа не е суштината на мудроста. Може да се изродат мноштво проблеми, на пример финансиски, внатре во Унијата. Но и да се влезе во отворена војна со Русија. Придружното членство на Украина и без право на глас би било товар за Унијата. И лажен пат за полноправно членство на Украина во ЕУ. Во исто време желбата за приближување на Украина кон ЕУ не е нова: „Зеленски веќе прв зборува на самити. Неговите министри учествуваат на сите важни состаноци на ЕУ. Украина одамна има посебен статус, што се докажува со заемот за помош од 90 милијарди евра“, пишуваат медиумите. Ставањето нова етикета на овој посебен статус - „придружна членка“ - значи да не се подобри ништо, туку во исто време да се отежнат многу работи. На пример, односите со другите земји - кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан. Тие чекаат пристапување 20 години и се чувствуваат игнорирани поради привилегираниот третман на Украина.
Во сето ова е важно што членките на ЕУ ја преземаат иницијативата за проширување од рацете на Европската комисија. Предлогот доаѓа од Германија, Досега сите предлози доаѓаа од Брисел. ЕУ не сакаше да разговара за некакво проширување без исполнување на Копенхашките критериуми. Иако сме сведоци на „политички проширувања“ во минатото. Сега, Германија, на пример, не ќе може да се враќа назад во нејзиниот приод кон проширувањето. Кога инсистираше на почитување на критериумите за членство. Таа веќе нуди други решенија. Значи еволуција во ставот кон проширувањето. Но затоа, предлогот на канцеларот ќе биде длабоко „чешлан“ од другите земји членки. Досега ЕК одбиваше да разговара за разни формати за членство на Украина и други кандидати.
Да не одиме подалеку. Пред некој месец премиерот на Албанија, Еди Рама, и српскиот претседател Александар Вучиќ заеднички објавија текст во кој ја истакнаа идејата за пристап до Шенген зоната и заедничкиот пазар, без полноправно членство во Унијата. Тие беа и за членство во Унијата без право на вето. Еврокомесарката, Марта Кос, веднаш ја отфрли таа идеја. Таа нагласи дека условите за влез во Шенген зона и Европска Унија се речиси идентични и бараат спроведување на сериозни и длабоки реформи, без можност за компромиси. ЕУ со Украина има план наречен „Кос-Качка“, од 10 точки-обврски кои Киев треба да ги исполни за почеток на преговорите. Што ќе биде сега со нив? Што ќе биде со Кос? Дали таа ќе биде упорна во почитувањето на основните акти на Унијата, кога предлозите доаѓаат од Германија?.
Каде е во сето ова Македонија? Меѓу аутсајдерите. Така и други ја оценуваат. Таа има домашна задача од ЕУ. Надвор од критериумите. А Мерц, можеби ќе и понуди „иновативност“. Одговорот од наша страна на тој чекор се знае. Тој се влечка веќе три децении. Импровизација.
Мирче Адамчевски
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор
