Камерон: Сакам да обезбедам фер договор за буџетот на ЕУ
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави денеска дека на Самитот во Брисел сака да обезбеди фер договор за буџетот на ЕУ, кој нема да биде на штета на британските даночни обврзници. Во изјавата за лондонските телевизиски станици, Камерон рече дека „не е воопшто среќен со предлогот за зголемување на заедничкиот буџет, навестувајќи тешки дводневни преговори околу ова прашање.
Според Камерон, буџетот на ЕУ за периодот од 2014 до 2020 треба да биде замрзнат. Британскиот премиер претхдно се закани со вето, доколку се изнуди решение што ќе биде на штета на британските даночни обврзници. Доколку буџетот на ЕУ се зголеми, онака како што бара Европската комисија, Велика Британија во наредните седум години ќе треба да издвои допонителни десет милијарди евра.
Членките на ЕУ засега немаат единствен став околу идниот буџет, што му ја олеснува позицијата на Камерон. Шведска и Холандија сакаат кратење на буџетот, но 15 земји членки, на чело со Полска, заговараат прифаќање на предлогот на ЕК и зголемување на буџетот. Германскиот канцелар Ангела Меркел, која на почетокот од месецот беше во Лондон, во обидот да се најде заеднички прифатливо решение, вели дека има разбирање за британските ставови, но дека извесен раст на буџетот е неопходен. Франција, инсистира само на тоа да не се намалува буџетот за аграрот, од кој таа извлекува највеќе пари поради своето уништено земјоделство.
Камерон во Брисел, настојува да обезбеди доволно сојузници за британското барање за замрзнување на буџетот, што според неговото објаснување, би бил прв таков случај во историјата на ЕУ. Во Лондон, британскиот премиер е под силен притисок на евроскпетиците и десницата во редовите на ториевците за намалување на буџетот на ЕУ.
Британските медиуми неделава тврдеа дека Брисел подготвува „тајно сценарио“ за да се спречи британското вето, на тој начин што работи на „алтернативен буџет“ за ЕУ, што би се усвојувал годишно и само за следната година, за кој не е поребен консензус, туку гласање со квалификувано мнозинство.
