Калеников: 2014-та ќе биде подобра економска година
Раздолжување на државата кон стопанството, Законот за финансиска дисциплина, кредитните линии на ЕИБ, намалување на референтната каматна стапка на 3,25%, како и договорот со Русија за гасификација на Македонија, се петте економски позитивни работи кои може да ги издвоиме за 2013 година, оценува Сојузот на стопански комори.
ССК активно учествуваше во креирањето на економските политики во земјата оваа година. Иницијативата на ССК, резултираше во координирана акција на државата и годинава во февруари државата целосно се раздолжи по сите основи кон стопанството, фактури на извршени услуги, набавки, поврат на ДДВ.
„Со ова значително се подобри ликвидноста на компаниите и повлече низа иницијативи за реализација на акции за економски раст. Баравме 6 месеци до 1 година по раздолжувањето да се донесе Закон за финансиска дисциплина со што би се заокружил процесот на подобрена ликвидност. Имено, по имплементација на задолжница, раздолжување на владините институции, овој Закон треба да донесе и дисциплина помеѓу фирмите. Добра работа е вклучувањето на јавниот сектор во Закон за финансиска дисциплина, носепак треба да се внимава, бидејќи финансиската кондиција на фирмите се уште не е во добра форма“, вели претседателот на ССК, Златко Калеников.
Мерките за странски кредитни линии како од Европската инвестициона банка со фиксна каматна стапка од 5,5%, значително помогнаа да заздрави и опстане еснафот во Македонија.
Конечно после големи укажувања и напори, ССК успеа да најде заеднички јазик со Народна Банка на Република Македонија.
Од голема важност за стопанството е потпишувањето на договорот со Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот Јужен тек, со што е остварена стратешка цел за обезбедување енергетска иднина на земјата.
„Енергијата е еден од главните инпути на секоја економија. Во Македонија недостсува евтина енергија, а протокот на гас ќе овозможи долгорочно да имаме поевтин и ефикасен енергенс. Тоа пред се ќе и помогне на индустријата, а секако ќе треба да им ги намали трошоците и на домаќинствата. Се очекува после овој договор, цената на природниот гас значително да се намали и земјава да стане поголем потрошувач на овој енергенс“, смета Калеников.
Според него, 2014 ќе биде подобра година за економијата.
Главни двигатели на економскиот раст ќе бидат:
- 20% зголемените капиталните инвестиции предвидени во Буџетот за 2014; Домашните и странските директни инвестиции;
Излегувањето на ЕУ од рецесија и за прв пат проектираниот економски раст на ЕУ од 1,4% - надеж за нашиот извоз;
Мерките на Народна Банка, референтна каматна стапка 3,25%, ограничена побарувачка на благајнички записи според јасна определба на побарувачка, неделни репо-аукции, како и ослободување на задолжителните резерви на банките за износот на кредитите на нето-извозниците и домашните производители на електирчна енергија;
Зголемената ликвидност на банките и ослободените средства создадоа релаксација и простор за пренасочување на пласманите за зголемено кредитирање на стопанството и населението;
Сето ова, според наша проценка треба да резултира со зголемена лична потрошувачка.
Сојузот на стопански комори за 2014 година очекува динамичен економски раст пред се, преку реализација на капитални инвестиции кои се за 20 % повеќево однос на оваа година. Реализација на најавените капитални инвестиции е главното оружје за борба против кризата.
Она што е особено важно за економски раст е зголемување на кредитирањето, односно кредитниот пораст кој во моментот е 5,1% да порасне до 9% во 2014година.
Евтините кредитни линии, кои се иницијатива на Сојузот на стопански комори и новите 100 милиони евра обезбедени од Европската Инвестициона Банка дополнително ќе влијаат на подобри перформанси на македонските претпријатија.
Условите за економски раст за прв пат по економската криза се најповолни. Економскиот сектор посакува мирни претседателски избори и советува, доколку не е суштнски важно за политичката сцена во Република Македонија да нема парламентарни избори.
Изборниот процес не треба да ги ремети економските текови на државата како и сите учесници во економскиот сектор во Република Македонија за да може да се остварат овие проекции.
Слично
