Какви реакции побуди „невозвратената љубов” на Каракамишева
Бурни реакции во јавноста предизвика колумната на професорката Тања Каракамишева, во која тврди дека Македонците се иселувале поради „невозвратена љубов”, а на Запад живееле мизеерно и нереализирани.
Обединетата македонска дијаспора(ОМД) остро реагираше, oбвинувајќи дека Каракамишева ја понижила целата македонска дијаспора и способната младина. Од ОМД побараа од професорката и јавно извинување.
„Длабоко жалиме за потребите и мотивите поради кои госпоѓата одлучила да се обиде да ја навреди и понижи македонската дијаспора пред најголемиот христијански празник. Разочарани сме од дрскоста на госпоѓата која по професија е правник да си дозволи да користи таков вокабулар, а и зачудени сме од нејзината самобендисаност, која ја довела до таму да си припише компетентност на секое поле и да стане експерт не само за правни, туку и за психолошки прашања. Уште потажно е што авторот на таа колумна е академски професор и преку соржината дава до знаење дека не е запознаена со научна терминологија. Исто така, се сомневаме дека госпоѓата е запознаена со етички кодекс и не навела дали пред да ја направи анализата побарала од тие иселеници согласност дека може да ги користи нивните податоци? Ако да, тогаш би требало да објасни како ја извршила анализата, квалитатитивно, квантитативно или пак комбинација, кој метод го користела, итн“, се вели во реакцијата на ОМД.
На контраверзната колумна, реагираше и професорката и активиста Мирјана Најчевска, која на својот Фејсбук профил напиша дека се срами што Каракамишева е професорка на нејзиниот универзитет.
„... Срамниот напис продолжува со тоа што, Каракамишева од формална позиција на професор и истражувач и стручњак без никаква основа, без никакви истражувања и без никакви податоци, изјавува, не, не изјавува, најотворено лаже, дека сите тие кои отишле во странство всушност станале современи робови кои не се враќаат назад во земјата од срам да го признаат тоа, дека живеат мизерен ропски живот, дека умираат од работа без соодветна награда и сатисфакција, дека Македонија може да понуди многу повеќе и подобро.... Луѓе, ме изеде жив срам што Каракамишева е професор на мојот универзитет. Ме изеде жив срам за секоја нејзина лага. Ме изеде жив срам за тоа што сум дел од академската фела која не само што ја смета за свој член туку ја става на позиција да одлучува.” – стои во статусот на Најчевска.
Колумнистот Трајче Стојанов, вели дека покрај политичките и економските причини за емиграција, Каракамишева „експертот за љубовни и духовни теми” вовела нов термин – „љубовна емиграција”.
„ Всушност тука е и проблемот. Кога личностите од јавниот живот, политичарите, политиколозите, правниците…оние што се задолжени да ја водат државата, почнуваат да глаголат за духовни вредности, знајте дека бељата ни е пред порти. За љубовта и духовноста, драги мои, глаголат поетите, поповите и оџите, евентуално психолозите, не политичарите! Никој ниту ги повикал нив, ниту им дал мандат да ми беседат за мојот љубовен или духовен живот. Од овие причини се крајно сомнителни сите кампањи кои се обидуваат да интервенираат во мојот вредносен систем. Тоа е работа на родителите, наставниците, а потоа и стручните лица, не на политички кампањи. Кој си бре ти, кој ти дал мандат да ми тераш кампањи за „семејни вредности“, „за гостопримливост“, „за љубезност“, „за етика“ и „помагање“ на другиот. Што се занесувате бре – месии!” – пишува Стојанов во својата колумна.
Покрај реакциите на интелектуалната заедница, Каракамишева остро ја нападна и јавноста на социјалните мрежи, каде таа беше предмет на осуда и потсмев.
Ова следува по нејзината последна колумна во весникот Дневник, каде Каракамишева пишува дека причините за тоа што младите ја напуштаат Македонија не се лошите услови за живот и тешката економска ситуација, туку непреболената љубов и духовната неисполнетост.
