Какви предизвици ќе има турската економија по падот на вредноста на лирата?
Паѓа вредноста на турската лира. Воедно, слабата валута може да има и геополитички импликации, бидејќи економската нестабилност често се прелева во политичка. Турската економија влегува во период на зголемена неизвесност.
Централна банка на Турција неодамна одлучи да ја задржи основната каматна стапка на високи 37 проценти. Дополнително, стапката за краткорочно кредитирање на банките останува на 40 отсто, а каматата за депозити на 35,5 отсто.
Овие бројки сигнализираат рестриктивна монетарна политика, чија цел е да ја стабилизира инфлацијата и да ја зајакне валутата. Сепак, ефектите засега се ограничени – што отвора дилема дали пазарите веќе не веруваат во способноста на институциите да го контролираат падот.
Одлуката е донесена под водство на гувернерот Фатих Карахан, кој најави дека политиката ќе остане строга сè додека не се постигне ценовна стабилност.
Иако официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата благо се смирила во март, раните индикатори за април сигнализираат нов раст.
Целта на централната банка е среднорочна инфлација од 5 отсто, но реалноста е далеку од тоа.
Падот на лирата не е само финансиски показател – тој има директни последици врз секојдневниот живот: поскапи увози, намалена куповна моќ и зголемен притисок врз бизнисите.
Лирата во последната деценија имаше многу падови, а Турција пред неколку години беше рекордер по висока инфлација.
