Какви подароци доби Жулиет Бинош на „Браќа Манаки“?
Главната ѕвезда на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, оскаровката Жулиет Бинош доби неколку подароци кои ќе ја потсетуваат на Македонија.
Пред свеченото доделување на наградите, на коктелот во хотелот Епинал, директорката на фестивалот, Лабина Митевска на Бинош и подари икона со ангелот на Св. Софија, а директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија, Дарко Башески на актерката и подари гердан со македонски рубин.
Наградата „Златна камера 300“ и ја врачи претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. Таа се заблагодари и рече дека сака да говори и во име на кинематограферите, чиј труд често пати останува непризнаен.
„Првата врска помеѓу нас актерите и публиката е токму кинематограферот. Кога сте на сет и кога ќе заврши некоја сцена, првиот гледач, првиот одговор за она што сме го направиле е токму кинематограферот.Навистина многу им се восхитувам, зашто нивните избори, навистина го прават филмот, зашто секогаш изнаоѓаат посебен филмски јазик“, рече Бинош.
Таа говореше и за нејзиниот мотив да се занимава со филмската уметност.
„Потрагата по вистината е причината заради која го правам сето ова. Можноста да трагам и да ја допрам таа вистина“, рече Бинош.
Публиката во Центарот за култура во Битола, на нозе ја поздрави големата актерка Жулиет Бинош а таа одговори со солзи на очите. Потоа гледачите со внимание го проследија филмот Облаците на Силс Марија, прикажан во чест на ѕвездата на фестивалот.
Но, при пристигнувањето на црвениот килим ја пречека и еден скандал. Бинош беше сведок на непријатна кавга меѓу директорката на фестивалот Митевска и режисерот Столе Попов.
(ВИДЕО) Жулиет Бинош на црвениот килим пречекана со – кавга!
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој рече дека вечерашнава приказна е започната уште пред еден век кога двајцата браќа од Битола купија филмска камера и благодарејќи на нивниот завет, Македонија веќе 35 години е организатор на најстариот фестивал посветен на кинематограферите.
„Во изминатите 35 години, овој фестивал стана дом на филмските ѕвезди од Македонија, Европа и светот. Ѕвездите на небото и ѕвездите на филмското платно и покрај тоа што се различни – имаат една заедничка особина: тие нѐ охрабруваат да ја промислиме нашата приказна, да го погледнеме светот и нашето место во него. Како претседател на Република Македонија, горд сум што сум покровител на овој фестивал кои ги нуди најдобрите филмски остварувања. Убеден сум дека постигнатиот успех, ќе нѐ мотивира да го трасираме патот до ѕвездите, пат кој е поплочен со креативност, човекољубие и убавина“, рече претседателот Иванов.
Според востановената традиција, отворањето беше одбележано со врачувањето на наградата за животно дело која годинава му припадна на еден од најдобрите британски и светски кинематографери, Крис Менџис, кого го нарекуваат големиот маг на светлото. “Златната камера 300“ на Менџис ја врачи претседателот на Друштвото на филмски професионалци на Македонија, Роберт Насков. А оскаровецот Менџис рече дека наградата во Битола за него е голема чест.
„Ви благодарам, голема чест е да се добие оваа награда, особено од држава која ја вреднува работата на кинематограферите. Би сакал да ја посветам оваа награда на сите учители, што сите нас нѐ научија за филмот“, рече Менџис
На годинашниот добитник на специјалната „Златна камера 300“ виртуозот на филмската камера, Лука Бигаци, наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Владимир Талевски.
„Среќен сум што сум тука, зашто Македонија ги сака филмовите, а Битола многу ги сака кинематограферите“, рече Бигаци.
Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе трае до 19 септември. Вкупно 76 филма во осум категории ќе бидат прикажани на Фестивалот, меѓу кои и омаж на Милчо Манчевски.Два македонски филма ќе ги имаат своите премиери, До балчак на Столе Попов и Децата на сонцето на Антонио Митриќески.
Годинашниот јубилеј ќе се одвива под слоганот Кон ѕвездите.
(ВИДЕО) Жулиет Бинош на црвениот килим пречекана со – кавга!
Слично
