Какви менаџери бара ФЗЦ Куманово?
На ФЗЦ му се потребни менаџери кои ќе можат да се справат со сите предизвици и ќе бидат многу силен и спосбен тим, истакна најголемиот акционер Каранфиловски и додаде дека се разгледуваат повеќе кандидати за новиот одбор на директори и дека од нив ќе ги изберат најдобрите
ФЗЦ 11 Октомври од Куманово свика вонредно акционерско собрание на кое ќе се гласа за нови членови на Одборот на директори, објави компанијата на интернет страницата на Македонската берза. Единствени точки на вонредното собрание се отповикување на членови на Одборот на директори и избор на нови членови на Одборот на директори.
Ова е одговорот од Тони Каранфиловски, претставник и сопственик на кумановската компанија „Квалитет Пром“ која поседува 52 отсто од акциите во ФЗЦ Куманово и е најголем акционер во големата македонска извозно ориентирана фабрика за заварени цевки и профили. „Фактор“ одговорите од Каранфиловски ќе ги објави во целост. Претставникот на „Квалитет Пром“ многу пластично и јасно објасни кои се предизвиците на компанијата и какви менаџери бараат за да ги исполнат новите предизвици пред кои е исправена оваа голема и извозно ориентирана македонска компанија:
- Сегашниот Одбор на Директори работи многу одговорно и нема да гласаме за ничија недоверба, но едноставно остварената добивка за изминатата 2017 година е под нашите очекувања, затоа сметаме дека треба да се направи освежување во сегашниот одбор на директори. Конкуренцијата на пазарот за нашите производи е многу голема. дополнително на тоа се соочуваме со постапка за истражување и можно воведување на квоти или царински давачки од страна на Европска Унија. За сите предизвици кои престојат пред нас ќе ни биде повеќе од потребен многу силен и способен тим. Се разгледуваат повеќе кандидати за нови членови на новиот одбор на директори и се надеваме дека од пријавените ќе ги избереме најдобрите.“ соопшти Каранфиловски.
„Квалитет Пром“ и „Рапид Билд“ заедно контролираат 59,5 отсто од акциите со право на глас во кумановската компанија.
Како лани работеше ФЗЦ?
Кумановската фабрика за цевки (ФЗЦ) лани ги зголеми приходите од продажба за 109 милиони денари, но расходите пораснале за безмалку 400 милиони денари што воопшто не е охрабрувачка вест за малите акционери и за ловците на капитални добивки кои тргуваат на Македонската берза за хартии од вредност.
Како резултат на зголемените оперативни расходи оваа голема производствена компанија лани имала оперативна добивка од 76,4 милиони денари која по намалувањето за трошокот за платени камати е сведена на 34 милиони денари. Во споредба со крајот на 2016 година нето добивката на ФЗЦ паднала за речиси 5 пати односно 126,55 милиони денари. Тоа е пад од 77 отсто во однос на добивката остварена во 2016 година.
Светла точка продажбата од извоз
Кумановската компанија значајно ги зголемила своите приходи во извоз лани во споредба со 2016 година. Тие лани се поголеми за 85 отсто односно за речиси 630 милиони денари односно за 10 милиони евра. Неговите приходи од продажба надвор од земјава достигнаа 1,366 милијарди денари. Наспроти тоа огромен пад на приходите од продажба на домашниот пазар. Тие колабираа затоа што од 747,8 милиони денари се намали на 258,2 милиони денари. Тоа е намалување за безмалку 500 милиони денари односно за 65 отсто. Кога се знае дека најголем домашен проект е државниот гасоводен систем се добива појасна претстава на што се резултат овие намалени приходи.
Залихите на ФЗЦ на крај на ланската година биле 764,4 милиони денари и се зголемени за 50 отсто во однос на крајот на 2016 година. Во однос пак на залихите од почетокот на 2017 година до крајот на ланската година тие пораснале за околу 250 милиони денари.
Оперативните расходи на компанијата во најголема мерка се состоеле од трошоци за суровини и други материјали кои се на износ од 1,366 милијарди денари. Тие се зголемени за 31 отсто. Втора по големина расходна ставка се трошоците за вработени и тие изнесуваат 227,1 милиони денари и бележат раст за 6 отсто. Обврските на ФЗЦ лани се зголемени за речиси 300 милиони денари односно за 27 отсто и на крај на 2017 година изнесуваат 1,411 милијарди денари. Компанијата речиси и нема долгорочни обврски затоа што тие изнесуваат само 35 милиони денари. Кај краткорочните обврски значајни растови бележат краткорочните кредити и обврските спрема добавувачите.
Р.Ф.