Економија, финансии, бизнис

Контакт

Какви државни испити имаат странските студенти?!

Какви државни испити имаат странските студенти?!
Студентскиот пленум не запира со активностите и истражувањата кои според нив само ја потврдуваат неаргументираната образовна политика на власта во делот на високото образование. За Фактор ја откриваат компаративната анализа за државите наведени од страна на министерот и премиерот, односно Данска, Полска и Германија-земји во кои според надлежните  беше наведено дека  долги години се користи државен испит како средство за проверување на знаењето на студентите. Но, од Пленумот во анализата потсетуваат дека  во овие држави државниот испит ги опфаќа оние студенти и ученици кои што изучуваат стручни занаети. Како параметри велат ги зеле  оние испити кои што се организирани и набљудувани од страна на самата држава, на каков материјал е самото испитување во однос на предмети,семестри или пак некоја друга писмена или усна работа, дали материјалот за самиот испит е претходно јавно достапен или дали прашањата се претходно дадени на студентите и учениците, на кој начин се се спорведува, дали испитот се однесува на сите студенти и ученици во државата, ефектот од самиот испит односно дали има репрекусии доколку не се положи испитот и дали може да се преполага, кој го спроведува таквиот испит и во кои законски акти е наведен испитот. Досега, велат од Пленумот,  надлежните сакаат  да наметнат предлог решение кое го правдаат  како позитивно странско искуство за подобрување на квалитетот на високото образование. Но што всушност се крие зад истото? “Во самиот старт станува збор за два различни концепти. Во овие држави државните испити се воведени за оние луѓе кои што се образуваат во стручните високообразовни институции или училишта, односно државата води сметка дека самите ученици или студенти имаат минимално знаење за стручните струки и области каде што и ќе продолжат со работа. Во Македонија од друга страна државниот испит се воведува за намалување на така наречените „купени дипломи од одредени високообразовни институции“ и се однесува на сите студенти. Начинот на испитување е исто така различен. Наведените држави користат или метод на усно или писмено испитување. Постојат и мешани опции, односно користење и на усен и на писмен метод на проверување на знаењето за време на испитот. Разликата се гледа и во комисијата на испитот”-вели Блажен Малески, член на Студентскиот  пленум. analiza ispit analiza ispit2 analiza ispit3 Тој додава дека од она што е најавено во предлог законот на ресорното министерство во земјава,  Одборот за акредитација ќе го спроведува целиот процес на испитување. Во другите држави, додава,  бидејќи станува збор за различен концепт  е различно, па така,  во Германија синдикатите од одредениот занает ги назначуваат 3-те испитувачи од локалните синдикални ограноци. Дополнително, вели Малески,  на самиот испит присуствува еден професор од високообразовната институција или  училиште. Материјалот во овие држави се однесуваа само на одреден дел од високообразовниот или училишен процес, а не на сите предмети од различни семестри. Реперкусиите во овие држави, според компаративната анализа се такви што студентите можат да го преполагаат испитот  и сите трошоци паѓаат на државата. “Исто така самиот испит нема улога во завршувањето на високото образование, односно не значи дека ако некој ученик или студент не сака да го полага испитот дека нема да ја добие дипломата од високообразовната институција. Тука е клучно и да се напомене дека во тие држави самата држава сака да водат сметка дека ист или сличен квалитет на стручни кадри ќе излезат од процесот на високообразование и активно ги вклучува синдикатите и здруженијата на занаетчии во процесот на образование. Во Македонија тоа не е случајот, а и причините за вовоедување како што напоменав се различни”-напоменува студентот Блажен Малески. Според него нормално е власта да има удел во креирањето на политиките за подобро високо образование и тоа никој не може да го негира. Она што е суштински проблем, реагираат студентите,   е  што сеуште е нејасно  што функционира, а што не функционира во високообразовниот систем онака како што е поставен. Дополнително,не се знае  што треба да се промени, односно што е тоа што моментално во високото образование претставува проблем и не функционира. Било какви промени, потенцира студентот Малески, без темелни анализи за (не)функционалност на работите во високото образование само ќе направат поголеми проблеми за идните генерации. Креирањето на нови политики мора да биде засновано на информации од минатото и грешките што се појавиле  и треба да се подобрат бидејќи на крајот на денот за да  се направи  нешто подобро мора да се знае  што не функционирало во последниот модел. Малески се осврнува само на дел од странските искуства. “Бидејќи станува збор за различни модели, а и различни причини, кои што за жал се уште не се доволно разработени во Македонија за воведување на ваков модел на надворешна евалуација, не би можел да се задржам само на еден модел. Ако би морал да се одлучам би одел со државниот испит за ученици од стручни високообразовни центри. Испитот е на една тема- проект и се полага усно. Членовите на комисијата се назначени од локалната трговска комисија и од високообразованата институција на ученикот. Овој државен испит се однесува на 12 стручни програми во високообразобните институции. Но, не е задолжителен за студентите и е потребен само доколку сакате во одредена стручна работна позиција да работите”-нагласува Малески. Она што според студентите  е карактеристично за демократските општества и еден од постулатите на демократијата е вклучувањето на засегнатите страни во фаза на  креирање на законски измени. Праќање и доставување на предлог за коментар, потенцира Малески,  НЕ Е АКТИВНО ВКЛУЧУВАЊЕ во процесот и тоа значи дека се бара само нечие мислење, но не мора да се прифати. “Активно вклучување би било доколку седнат засегнатите страни и прво ги разработат причините за менување на постоечкото законодавство, па потоа да се разгледаат опциите за подобрување и менување на законодавството. И во тој процес доколку Владата или министерството одлучат дека државниот испит е потребен и ќе го подобри високото образование нормално би било да се произнесат аргументи зашто ќе го подобри и како ќе го подобри, па другите засегнати страни ќе одлучат дали се согласуваат со тоа или не. Но ние имаме проблем уште во првиот чекор, увидување на самиот проблем” – вели Блажен Малески од Студентскиот пленум. Студентите остануваат на ставот  против воведување на државен испит на факултетите бидејќи според нив,  ако проблемот во високото образование е  „купувањето  на дипломи“, тогаш државата има механизми да се справи со таквата појава, а дополнителен испит велат,  нема да биде ефикасен метод за спречување на таа појава. С.Б.
Слично

Поврзани вести