Какви беа бизнис-зделките на „газда Нини“ во Македонија?
Контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како „газда Нини“ е во средиштето на најновата афера и обвинувањата меѓу двете најголеми политички партии во Македонија. СДСМ го обвинува лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Никола Груевски дека директно на Нини му ја продал Македонска банка, а за тоа зел кеш на рака во износ од 1,5 милиони евра.
Кој е „газда Нини“ и од каде се појави?
Почетоците на Стефановиќ се поврзуваат со неговото родно место, Ниш, во Србија, каде во во 80-тите години отворил мала фирма за трговија. Но, благодарение на врските со тогашниот директор на Тутунската индустрија Ниш (ДИН), Смиљко Костиќ, набрзо станал еден од ексклузивните дистрибутери на цигарите од нишката фабрика. Во време на санкциите, освен со цигари, се занимавал и со продажба на лекови на црно, нафта, злато, брашно, прехранбени производи. Во 1998 година, по избувнувањето на аферата во фабриката ДИН и апсењето на Костиќ, Јовица Стефановиќ ја напушта Србија и доаѓа во Македонија. Во Србија не може да се врати се до 2003 година, поради тоа што е осомничен за кривични дела за злоупотреба на службената положба и овластување во бизнисите со ДИН и српската Комерцијална банка.
Доаѓањето во Македонија
Македонија му била идеално одредиште на Нини, бидејќи тука веќе имал разработени бизниси со трговијата со лекови и цигари. Познавачите на приликите тврдат дека Стефановиќ ја одбрал земјава како своја втора татковина бидејќи тука ги добил најдобрите лекции за македонските бизнис-шеми од поранешниот прв човек на „Македонија табак“, Данчо Шутурков. Особено му одговарало тоа што Македонија и тогашна Србија и Црна Гора немале потпишано договор за екстрадиција, па одлуките на срската полиција тука немале никакво извршно дејство.
Веднаш по доаѓањето во земјава во 1998 година, Нини почнува да го шири своето бизнис царство. Прво со преземањето на „Јака 80“ од Радовиш, па потоа „Радо банка“, „Ветфарм трејд“, „Македонска банка“… Акции купува и вофабриката за леб и бели печива „Жито Скопје“, „Мак лек“, земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, „Тетекс“, Охридска банка, фабриката за масло за јадење „Благој Ѓорев“, Силекс банка, битолската картонажа „Фустеларко борец“, Комерцијална банка и во кондиторската фабрика „Европа“. Преку нивна сопственост на акции во други компании, Нини поседувал капитал во уште најмалку толку фирми.
Банките му се слабост
Ако по нешто Нини остана запаметен во земјава е неговата пасија да биде сопственик на банка. Прво проба со „Радо банк“, а потоа и со „Македонска банка“, но и двете завршија со ликвидација.
Во 2008 година, тогашниот гувернер Петар Гошев даде налог за ликвидација на „Македонска банка“, во која Нини преку својата „Јака 80“ од Радовиш поседуваше 78 проценти, но поради тоа што беше прогласен за неподобен акционер, мораше да го оттуѓи својот удел. Но, тој го направи тоа само фиктивно. Уделот наводно го продал на 16 фирми, но сите биле регистрирани на иста адреса со претставништвото на „Јака 80“ во Скопје, што беше доволно за Народната банка да го оцени за измама на прописите.
Газда Нини е зад решетки - во Србија
Во Македонија, иако отсекогаш важел за конторверзен, Нини никогаш и за ништо не бил гонет. Но, во Србија каде што се врати пред 10-тина години заврши во затвор.
Беше уапсен на крајот на 2012 година, заедно со уште двајца негови блиски соработници. Полицијата ги осомничи за злоупотреба на службена положба и малверзации со кои ја оштетиле компанијата за производство на лекови „Југоремедија“ за околу 7,5 милиони евра.
Според обвинението, Нини и соработниците доставувале зголемени фиктивни фактури за набавката на лекови.
Слично
