Каква вода пијат гевгеличани?
Испитувања на мостри од водата од гевгелискиот водовод, земени минатиот месец покажале присуство на големо количество на арсен.
Ова укажува дека водата е штетна за здравјето на човекот, соопштија од граѓанската иницијатива „Арсена“. Објаснуваат дека анализата што ја извршила меѓународна лабораторија покажала дека во водата има и присуство на тешкиот метал ванадиум.
„По одбивањето на Институтот за јавно здравје на Република Македонија да прави анализи на водата во Гевгелија со образложение дека знаеле за проблемот и дека сите институции биле известени, откако увидовме дека речиси четири години не се презема ништо за заштита на граѓаните, со анализите од меѓународни лаборатории го потврдуваме постоењето на проблемот со арсенот во водата и неговото континуирано присуство и изложеност на граѓаните на еден од најотровните елементи на земјата – арсенот. Ванадиумот е нешто сосема ново за нас“ - велат од „Арсена“.
Додаваат дека граѓаните се трујат со оваа вода за пиење, а нови бунари за водоснабдување на Гевгелија не се копаат. Од друга страна тврдат дека деарсенификаторот лажно се претставува како многу скап проект.
Градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов во изјава за „Телма“ ги отфрли овие обвинувања и рече дека се политички монтирани за да се оцрни општината. За „Арсена“ вели дека зела пари од СОРОС за да го урне угледот на општината, а за резултатите од лабараторијата во Солун изрази сомнеж и кажа дека не се совпаѓаат со тие на Институтот за јавно здравје.