Каква улога би имале граѓанските организации во политичките преговори?
Tемата за граѓанското учество во преговорите зад која застанаа осумдесетина невладини организации е суштински важна поради застапување на интересите на граѓаните овој преговарачки процес да обезбеди услови за фер и кредибилни избори во кои граѓаните ќе имаат доверба и ќе бидат поттикнати да учествуваат и слободно да ја изразат својата политичка волја- вели за Фактор, граѓанскиот активист Марјан Забрчанец. Граѓаните според него се движечката сила со јасно артикулирани политички ставови, за подобрување и демократизација на општеството.
“Имајќи ги предвид ваквите заложби и определби на граѓанското општество, нашите организации, групи, коалиции и движења стојат на располагање со сите свои капацитети и се подготвени да се вклучат во решавањето на кризата преку давање соодветни експертски анализи и предлози, како и друг вид советодавна помош и преку воспоставување директна врска со граѓаните и застапување на нивните права, интереси, потреби и барања”- вели Забрчанец.
Политичката криза во Македонија трае со месеци, а исто толку траат и напорите на меѓународната заедница и на најголемите политички партии за нејзино решавање. Досегашните преговарачки напори вели дадоа само делумен резултат, недоволен за целосна доверба на граѓаните во зацртувањето јасен план за демократски излез од кризата бидејќи како што вели граѓаните се незадоволни од нетранспарентноста на преговорите и од неможноста да се вклучат и да помогнат во процесот.
ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДИ НАБЉУДУВАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ
“Наша цел е Веруваме дека е можно, во рамките на овој процес, да се обезбеди континуирано информирање на граѓаните за начинот и содржината на разговорите и преговорите. Веруваме дека текот и исходот од преговорите треба да бидат јасно и недвосмислено претставени и објаснети пред граѓаните, а со тоа, ќе се гарантира дека нема да се повторат досегашните негативни искуства”- додава Забрчанец.
Преку граѓанското учество во решавањето на кризата очекува да се обезбеди набљудување на преговарачкиот процес од позиција на граѓанскиот сектор, водејќи се притоа според начелата на работа на граѓанските организации: независност, транспарентност и јавност, непрофитност, непартиско дејствување и иницијативност во јавниот живот.
“Ќе се овозможи ставовите на различните заинтересирани граѓански сектори и заедници да бидат претставени и чуени од страните во преговорите.Ќе се стави на располагање експертизата на сите заинтересирани организации, граѓански коалиции и независни експерти и на тојин, ќе се понудат решенија кои партиите инаку не би ги имале предвид. Потенцијалните експертизи и стручни мислења можат реално да помогнат полесно да се дојде до договор, а исходот да биде поквалитетен и во корист на правата и интересите на граѓаните”- нагласува граѓанскиот активист.
СОВЕТОДАВНА УЛОГА
Присуството на претставници на граѓанскиот сектор за време на сите разговори и преговори кои го сочинуваат процесот треба да биде во улога на директни набљудувачи и консултанти каде ќе учествуваат најподготвените и најстручните за теми кои ќе бидат предмет на разговори и преговори. Овој модел кој невладините го предложија до САД и ЕУ но и до најголемите политички партии потписнички на Пржинскиот договор го дефинира мандатот на граѓанските претставници како проценители на сегашните состојби во клучните области, како предлагачи на стручни решенија и како набљудувачи кои ќе вршат мониторинг на спроведувањето на решенијата договорени во текот на преговорите.
“Граѓанската вклученост не треба да подразбира дека претставниците на граѓанското општество имаат претставнички мандат, ниту дека тие претставуваат гласачко граѓанско тело. Следствено, претставниците на граѓанскиот сектор нема да имаат улога, надлежност и мандат да одлучуваат во рамки на преговорите. Тој мандат го имаат партиите кои преку делегирани пратеници во Собранието, треба да ги преточат договорените услови во практични законски решенија коишто потоа, владините институции и независните тела треба да ги спроведат” објаснува Марјан Забрчанец.
Протестното движење според него е ресурс и платформа која стои на располагање да го модерира процесот на комуникација во рамките на граѓанскиот сектор, со цел да се овозможи размена на информации меѓу организаторите на преговорите и страните заинтересирани за учество, како и да обезбеди диверзитет и инклузивност. Движење како што вели Забрчанец стои на располагање да се стави во функција на комуникациски канал преку кој сите заинтересирани страни ќе може да ги пренесат своите експертизи во роковите и процедурите кои ќе ги наложат организаторот и процесот.
С.Б.
Слично
