Економија, финансии, бизнис

Контакт

Каква е кварталната крвна слика на НЛБ Банка ?

Каква е кварталната крвна слика на НЛБ Банка ?

Добивката расте, нето приходот од камати расте на сметка на намалените расходи за камати. „Фактор“ ви открива неколку детали кои не се во прв план, но се многу важни за „крвната слика“ на големата банка

Најсилиниот впечаток на прво гледање е солидниот износ на нето добивка за првите девет месеци годинава и растот на профитот во споредба со лани. Добивката на банката за првите девет месеци е 1,53 милијарди денари и во споредба со лани таа е поголема за 377 милиони денари (над 6 милиони евра). Од достапните податоци се гледа дека банката успева да ги зголеми нето приходите од камати за сметка на помалите расходи за камати, што е тренд во македонскиот банкарски сектор.

 Сепак за работите да станат појасни мора да се погледнат неколку важни параметри кои го отсликуваат работењето на таа голема банка во периодот јули-септември. Овие се многу важни параметри од билансот на успех кои имаат свое влијание врз работењето на банката иако се зад големите бројки од каматите и добивката.

Загубата заради оштетување нефинансиски средства пораснала за 103 милиони денари за 3 месеци

На крајот на септември годинава загубата на банката заради оштетување нефинансиски средства пораснала за 103 милиони денари во споредба со износот од крајот на јуни годинава. Таа на крај на септември достигна 139,2 милиони денари. Пред само три месеци (на крајот на јуни) износот на оваа загуба која настанува заради намалена вредност на нефинансиски средства кои ги има банката (а ги добива како покритие на дадени кредити) изнесуваше 35,7 милиони денари. Загубата е поголема за над 100 милиони денари. Според објаснувањето од банката станува збор за „пресметка нацелосно оштетување на средствата кои се преземени пред април 2013 година, согласно Одлука на НБРМ за сметководствен и регулаторен третман на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања.“ Во споредба со лани оваа загуба годинава е поголема за 233 отсто.

Резервациите пораснале само за 7 милиони денари за 3 месеци

Резервациите за кредитните пласмани на банката до крај на септември изнесуваат 109,3 милиони денари. Тие во периодот јули-септември пораснале за неполни 7 милиони денари, а до крај на јуни изнесуваа 102,7 милиони денари. Оваа ставка моментално позитивно влијае врз кварталната добивка на банката.

Нето приходот од камати за трет квартал е поголем од просекот за првите две тромесечја

Кварталниот приход за периодот јули-септември на нето основа од камати изнесува 725 милиони денари и е подобар од просечниот квартален приход од камати за првите две тромесечја кој изнесува 708 милиони денари. Вкупно до крајот на септември нето приходите од камати изнесуваат 2,143 милијарди денари и во однос на истиот период лани се повисоки за 116 милиони денари. 

Кварталната добивка послаба од просекот за првите две тромесечја

Добивката на банката во третиот квартал изнесува 495,5 милиони денари. Просекот по тромесечје за првите два квартали е 516,5 милиони денари што значи дека профитот во периодот јули-септемви е помал за 4 отсто од кварталниот просек. Вкупната добивка за периодот јануари-септември изнесува 1.528,5 милијарди денари и во споредба со лани е поголема за 377 милиони денари. 

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести