Каква е крвната слика на компаниите од Македонска берза?
Македонската економија расте во споредба со лани. Барем така покажуваат официјалните податоци за првите девет месеци на 101 компанија чии акции се котирани на Македонската берза. Агрегатот на нивните приходи од продажба достигна 1,85 милијарди евра, а вкупната нето добивка на 72 компании надмина 213 милиони евра и е за 61,8 милиони евра поголема од истиот период. Дали за овој добар резултат има придонес тимот на економски министри во Владата? Тоа треба да го кажат стопанствениците на кои ние може само да им честитаме на успехот!
Официјалните податоци на Македонската берза за хартии од вредност покажуваат дека македонската економија расте! И тоа приватниот сектор. Приходите од продажба на 101 фирма чии акции се котирани на пазарите на берзата за првите девет месеци годинава се поголеми за 138 милиони евра во однос на истиот период лани и достигнале 1,848 милијарди евра за периодот јануари-септември годинава. Ова е важен показател кој ќе ги израдува акционерите, но ќе ги охрабри и другите потенцијални инвеститори на пазарот на капитал. Ова е уште еден аргумент плус на листата зошто инвеститорите треба да размислат за вложување во акции за сметка на банкарските депозити и орочени штедни влогови.
Многу охрабрувачки е тоа што 72 од 101 компании чии акции се тргуваат на берзата оствариле добивки, а нивниот агрегат е 213,7 милиони евра и во споредба со истиот период лани е поголем за 61,8 милиони евра и тоа е фантастичен раст од 40 отсто во однос на истиот период лани! Всушност состојбата со добивките на компаниите на берзата не кореспондира со генералната статистичка слика на клиничката состојба на македонската економија. Од овде се поставува прашањето колку е веродостојна македонската статистика за состојбите во нашата економија? И зошто конечно не почне да раздвојува доброто од лошото? Односно тоа што вреди, расте и прогресира од другото. Вака кога се се става на куп состојбата изгледа сива односно средно-жалосна. А очигледно дека не е така. Затоа што е сигурно дека финансиските извештаи на 101 компанија се полни со веродостојни податоци.
Кои се најдобрите фирми?
Ранг листата што пред еден месец ја направи „Фактор“ (кога не беа објавени сите официјални податоци) речиси во целост се поклопува со официјалните податоци на берзата достапни на следниот линк .
На листата најдобитни чија добивка е поголема од една милијарда денари се пет компании од кои најголемите три се најголемите деловни банки и тоа по следниот редослед: Стопанска банка Скопје со 42,1 милиони евра, НЛБ Банка Скопје со 30,2 милиони евра и Комерцијална банка Скопје со 28,1 милиони евра. Телеком има профит од 21,3 милиони евра, а прилепски Мермерен комбинат има 18,4 милиони евра профит.
Каква е другата страна на медалот?
Во споредба со истиот период лани годинава за 2 се зголемил бројот на компании кои до септември завршиле со загуба во работењето. Се зголемила и загубата како агрегат. Вкупната загуба на 29 компании е 15,65 милиони евра и во споредба со истиот период лани е поголема за 2,7 милиони евра.
Р. Ф.
