Каква цена на струјата ќе понуди ЕСМ?
Домашниот производител на струја е доведен во ситуација да мора да даде „популарна“ цена на струјата. За тоа ЕСМ одлага трет пат да даде понуда на ЕВН Хоум. Од една страна притискаат трошоците на работење, кусокот на јаглен и вода во комбинација со „ненормалните цени на берзите“. На другата страна е директниот политички притисок од акционерот – Владата од каде не сакаат да чујат за објективна цена која ги содржи реалните трошоци. Не се работи за цената туку за опстанокот на најголемата фирма во Македонија...
Државната компанија за производство на електрична енергија ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) трет пат не нуди цена на струја за идната година на тендер за снабдување на домаќинствата, занаетчиите и микро и малите фирми. ЕСМ никогаш не бил во потешката ситуација затоа што се наоѓа во „менѓеме“ меѓу популистичките барања на акционерот т.е. Владата, а од другата страна реалните трошоци за производство на струја.
Министерот за економија Крешник Бектеши иако де јуре ненадлежен затоа што Владата е акционер во ЕСМ, истрча во јавност со изјава дека струјата нема да поскапи повеќе од 10 отсто. Реално таква цена е „мишн импосибл“ за менаџментот на ЕСМ. Со право вчера реагираше првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) кој објасни дека цената на регулираните чинители ја утврдува РКЕ врз основа на трошковниците на МЕПСО, Електродистрибуија и универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
ЕСМ од Владата доби задача да испорача струја за 100% потреби на домаќинствата. Иако законскиот услов е да испорача 60% од потребите на домаќинствата во 2022 година. Овој момент го става ЕСМ речиси пред свршен чин на капитулација со оглед на: кондицијата и доверливоста на производствените капацитети, количините јаглен во рудниците на РЕК Битола, нивото на водата во големите хидроакумулации и цените на берзите за струја. А состојбата е драматично тешка особено со водата што е на располагање во големите хидроцентрали.
Наједноставно кажано хидроцентралите имаат евтино производство кое досега обезбедуваше ЕСМ да може да нуди најниска цена за потребите на домаќинствата. Дури до пред одредено време со пристојната хидрологија хидроцентралите на ЕСМ можеа да ги покриваат сите аномалии (без разлика дали се наследени или новостекнати) на термоцентралите на ЕСМ. Да беа хидроакумулациите сега на 30% од капацитетот ЕСМ ќе имаше тешка, но неспоредливо полесна задача од сегашната во која нивото на вода е околу 10% од целиот капацитет. За причините заради кои се дојде на ова дереџе и досега се пишуваше и говореше. Но одговорност нема ниту за тој што ја постави цената на 37 евра за мегаватчас ниту за тој што бездушно ја трошеше водата од хидроцентралите во услови кога можеше да купува струја за 50-60 евра за мегаватчас. Затоа дојде ред сега откако ја потроши водата, со наши пари да купува по цена од 300 евра за мегаватчас. Отиде „курбан“ само оној што се одважи да каже јавно, јасно и гласно дека состојбата со ЕСМ е критична...https://faktor.mk/dali-prkosot-na-stojko-mu-presudi-i-na-kushtrim-ramadani
Што се однесува до термопроизводството голем успех ќе биде во идните шест -седум месеци да се одржи ова ниво на производство кое сега го даваат блоковите во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.
Дури и да биде зимава повлажна од просекот хидроакумулациите ќе треба да бидат како „проточни болјери“ се со цел да се „изгура“ зимата и големиот конзум да се покрие со сопствено производство.
ЕСМ, ако може така да се каже, сега има само еден адут. Да не речеме сламка за спас. Тоа е неготинскиот мазутар ТЕЦ Неготино. Ако тој влезе на мрежа и до април дава по 180 мегавати на час работи без прекин ЕСМ би можел дел од таа струја да продава по пазарна цена на домашните фирми. Цените ќе бидат сигурно над 150 евра за мегаватчас. И со разликата барем подносливо да ја намалува загубата од непазарната цена која веројатно ќе мора да ја понуди на универзалниот снабдувач. И тоа во услови додека на берзите за струја имаме „ценовно родео“.
Или тоа или субвенции од акционерот, со наши пари преку буџет, со кои ќе треба да се купува струја по пазарни цени ....
Каква цена и да понуди ЕСМ, Господ да е на помош...
Нека е со среќа!
А.Т.