Економија, финансии, бизнис

Контакт

Каков „керозин“ гори МБИ-10?

Каков „керозин“ гори МБИ-10?

МБИ-10 се избори за своето место под сонцето! Веќе е фактор или како што милуваат да кажат економските теоретичари „берзанскиот индекс е барометар на националната економија“. Овие вредности не се резултат на шпекулации и надитрувања туку на долгорочно вложување и прогрес, на транспарентно работење и редовно делење дивиденда. Но погоден е и актуелниот момент : заради анемичните камати на депозити вложувањето во акции е „бест бај“ на пазарот на капитал! Да можеби понудата е малку преценета, но има ли подобра?


МБИ-10, македонскиот берзански индекс ги живее своите најдобри денови во последните тринаесет години. Вчера го достигна новиот рекорд, а на допре маргината од 5.800 индексни поени, нешто што беше незамисливо пред само неколку месеци. И тоа се случува во време на драстична неизвесност со новите случувања кои ги предизвикува корона кризата.

Очигледно дека бикот во оваа битка од вечната борба ја победи мечката. Многумина ќе речат, а веројатно и со право, дека растот е претерано интензивен, дека чекорите се преголеми. Да, но да не заборавиме. Пазарот секогаш во својата суштина е втемелен на очекувањата на инвеститорите. Да, и акциите вредат онолку колку што некој е спремен да плати за нив. Сумите со кои се зголемува пазарната цена на акциите секогаш може да биде дискутабилна, но и тука секогаш може да се одговори со синтагмата дека малите суми може да значат и само дека инвеститорите се претпазливи, но се присутни и спремни да вложуваат.

Од оваа временска дистанца може да се каже дека инвеститорската заедница е созреана и дека ова што сега се случува на берзата не е „Елдорадото“ од 2007 година, кое заврши со „стампедо“ кое за многумина буди катастрофални спомени на „берзанска треска“. Тогаш се вложуваше шпекулативно во се и сешто. Сега не е така. Најголем дел од прометот се блу-чип акциите „Комерцијална банка“, „Алкалоид“, „Макпетрол“ НЛБ Банка, „Гранит“ па и „Стопанска банка Скопје“, „Македонијатурист“ “Реплек“, „Прилепска пиварница“, „Витаминка“ Македонски телеком и ТТК Банка, компании кои во изминативе три години покажаа карактер што значи делеа дивиденди, имаа и имаат значајни квантуми на иструвани акции, зголемена транспарентност...

Како и да е, тоа што сега е структура и понуда на берзата е многу поразлично од каубојските времиња по кои, за жал, се уште мноштвото од домашната јавност го памети и перцепира нашиот пазар на капитал.

Дополнително сега имаме и многу посериозни домашни институционални инвеститори кои се повеќе ја градат својата пазарна позиција и имиџ на столбови на домашниот пазар на капитал.

Што се случи за МБИ -10 да укнижи годишен рекорд?

Во најкратки црти, ќе наброиме неколку катализатори кои создадоа толку висока пазарна позиција на МБИ-10 во последниот месец.

Прво, најдобрите домашни акции кои го сочинуваат МБИ-10 книжат добивки и подобри резултати за првите шест месеци годинава. Тоа беше големо охрабрување кон самодовербата која веќе ја стекнаа домашните инвеститори. Тие резултати ги прават се пореални нивните очекувања за идни дивиденди, растови на пазарните цени на акциите и нови капитални добивки.

Второ, укинувањето на суспензијата од централната банка со која банките беа ограничени да поделат дивиденда. Тоа ги окуражи играчите на берза да очекуваат повеќе од НЛБ Банка и од Стопанска банка Скопје. Тоа поитивно влијае врз МБИ-10.

Трето солиден дел од парите што деновиве ги подели во дивиденда „Комерцијална банка“, а претходно и ТТК Банка завршија повторно во вложувања во блу-чип акции на пазарот.

Четвртото контунирано се објавуваат информации дека членови на управните одбори и менаџери во најдобрите македонски котирани компании купуваат акции во фирмите што ги водат. Тоа ги охрабрува инвеститорите дека се на вистинскиот пат.

Петто и конкретно трансакција со која државата го откупи делот на „Макпетрол“ во преносниот гасоводен систем ГАМА

Шесто и веројатно најважно се повеќе иматели на банкарски депозити се охрабруваат и дел од орочените пари ги вложуваат во најликвидните и најдивидендни домашни акции. Тоа е свеж капитал што влегува и на среден и долг ќе ги држи актуелните ценовни нивоа на блучип акциите.

И заради тоа голема е веројатноста дека вредноста на МБИ -10 ќе биде забетонирана на нивоа повисоки од 5.000 индексни поени.  

Македонската берза матурираше и созрева, а се поголем дел од инвеститорите се  кваликифувана јавност.

Р.Ф.


Слично

Поврзани вести