КАКОВ ГТЦ МУ Е ПОТРЕБЕН НА СКОПЈЕ: Архитектите бараат начин да го задржат сегашниот лик!
Во исчекување на новиот приватен инвеститор за реконструкција на Градскиот трговски центар во Скопје, од Граѓанската иницијатива “Го сакам ГТЦ”, ја реактуелизираат кампањата за зачувување на автентичниот лик на објектот. Кампањата која ќе се спроведува преку различни настани, видео спотови и друго, е најавена за следниот месец.
Од Граѓанската иницијатива сметаат дека тој инвеститор што ќе биде избран на огласот за јавно-приватно партнерство за реконструкција на ГТЦ, треба да ги има во предвид вредностите,фактите, функцијата, зошто на овој објект не треба да му се менува автентичниот лик. Еве на кои вредности факти за ГТЦ потсетуваат од Граѓанската иницијатива:
• ГТЦ - genius loci (единствен дух на местото)
• Неопходност од една поширока стручна расправа со оние кои ја обмислуваат обновата на ГТЦ , но и широка јавна расправа со оние кои ја живеат неговата архитектура
• Со граѓанската иницијатива „ Го сакам ГТЦ“ културната јавност – општата и стручната јавност, застанаа во одбрана на антологиските изворни вредности на ГТЦ а токму заради обострано чувство на припадност со човекот/корисникот/граѓанинот.
• Почит на верификувани квалитети на архитектонско и урбанистичко ниво и докажани позитивни аспекти на користењето (Борбина плакета и национална награда „11 октомври“) а потврдени со најновите документи - ГУП на Град Скопје односно Конзерваторски основи, изработени од Научната установа Конзервааторски центар – Скопје.
• Нагласено културно-историско и општествено значење: ГТЦ претставува културно наследство од големо значење, како редок пример на сложен архитектонско-урбанистички ансамбл составен од повеќе просторни единици и со сплет на улички, тремови и чардаци.
• ГТЦ преставува специфичен збир на вредности, општи вредности: архитектонско-уметнички, урбанистички и градежни, и посебни својства: автентичност, реткост, единственост, интегралност и припадност на просторниот и временскиот контекст,
• ГТЦ е совршено функционално решение кое во себе органски ги интегрира претходно изградените пет станбени кули со деловни простори и ги задоволува сите инфраструктурни потреби. Преставува спој на културолошки елементи со флексибилно организирани комерцијални содржини (трговско-угостителски), современо сообраќајно решение (пешаци и возила).
• Особености на ансамблот : обезбедува /нуди слобода на движење, отворен а заштитнички затворен, сегментиран а компактен, јавен а присно интимен, надворешноста се впива, а внатрешноста се прелева надвор . ГТЦ, како и нашите стари чаршии нема официјален главен влез, туку има голем број неформални влезови/излези, така што целосно се интегрира со непосредната околина, која непречено навлегува во него.
• Прекршување на авторското право, коавторот Л.Маркова –присутен и игнориран со ретроградно редефинирање на комплексот. Во историјата на архитектурата постои осовременување на претходно изградени објекти, но до сега нема ниту еден пример, веќе изграден нов објект да се обвиткува со ,,историска облека”, никогаш и никаде предходно во светот.
• Енергетска ефикасност може да се постигне со соодветни технички интервенции со задржување на неговата автентичностбез да се менува ликот на објектот.
• Вистинска одлучувачка тежина може да има само стручно-научното квалификувано мислење на компетентните професионалци-архитекти.
Архитектите се согласни дека на ГТЦ итно му е потребна реконструкција, но при тоа да не се менува ликот на објектот. Огласот за јавно –приватно партнерство го сметаат за можност за нови преговори за задржување на автентичноста на ГТЦ.
-Мислам дека целата постапка е нелогична и измешана, бидејќи оваа физибилити студија се нарачува кога проектот е речиси готов. Ако студијата е за партнерство тогаш таа нема влијание на проектот, туку таа треба да ја покаже економската исплатливост на инвестицијата. Но мене не ми се допаѓa тоа што девастацијата на ГТЦ продолжува, намерно нема никакви елементарни вложувања, овој објект плаче за обнова, но при тоа да се задржи автентичноста на објектот. Во секој случај физбилити студијата ја поддржуваме, оти таа ќе покаже многу , ако е професионално изработена. Ова е само поттик за одбрана на нашиот став, ќе имаме работа со нов приватен инвеститор на кој ќе мора да објасниме дека ГТЦ е културно наследство, да му ги изнесеме нашите аргументи за задржување на автентичноста на ГТЦ. Ние како Граѓанска иницијатива веќе се реактивиравме во овој период преку социјалните мрежи, но подготвуваме и нова кампања за задржување на автентичноста на ГТЦ, изјави недоамна за Фактор архитектот Даница Павловска од Граѓанската иницијатива за ГТЦ.
И од Асоцијацијата на архитекти изјавија дека објектот мора да се реновира, но дека не смее да му се менува сегашниот лик.
На 13-ти следниот месец ќе биде познато која консултантска куќа ќе ја студијата за исплатливост на инвестицијата и ќе изготви модел за приватно – јавно партнерство. Компанијата што ќе го добие огласот треба за пет месеци да ја направи анализата која ќе треба да покаже дали проектот е исплатлив, и потоа ќе следува нов оглас на кој ќе се бара инвеститор за реконструкција. Од државниот буџет за изготвување на неопходната физибилити – студија е проценето дека ќе се издвојат околу 80.000 евра, без вклучен ДДВ. Условите во јавното-приватно партнерство ќе ги прецизира консултантската куќа, но една од можностите е приватниот партнер бидејќи ќе вложи средства, за возврат ќе може да стопанисува 25 години со новиот, трет кат кој ќе има површина од 12 илјади квадратни метри. ГТЦ сега е акционерско друштво, а со 97% од капиталот државата преку претпријатието за станбен и деловен простор е мнозински сопственик.
Во меѓувреме архитектонското биро “Архитектоника“, го изработува основниот проект за реконструкција и надградба на ГТЦ, врз основа на идејното решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Според идејното решение на авторите, фасадата која гледа кон Собранието ќе биде неокласицистички стил со десетици антички столбови, а на кровот ќе има голема тераса со неколку скулптури, куполи. И другите страни ќе добијат соодветни украси со бронзени или елементи со златно-жолта боја.Се предвидува целосно затворање на трговскиот по принципот на моловите и надградба со уште еден спрат. Според проценките на архитектите затворањето на објектот по принципот на “мол” е скапа инвестиција и e една од причините зошто државата сега бара приватен инвеститор.
-Мислам дека ова е начин како да се спроведе реализацијата на проектот, оти очигледно државата има проблем со обезбедување пари за реконструкцијата. Затворањето по принципот на мол е скапа работа, и е една од најскапите ставки во инвестициониот проект. Несомнено е дека на ГТЦ му треба обнова, но не да му се менува автентичниот лик. Но ако Владата решила ГТЦ да има барокна фасада, ќе го направи тоа и никој не може да ги спречи во тоа, вели претседателката на ААМ Сања Раѓеновиќ Јовановиќ.
Летово архитектите од ААМ под мотото “Го сакам ГТЦ повеќе од било кога”, поднесоа иницијатива до општина Центар да распише референдум и да ги праша граѓаните дали се за идејата за барок или за задржување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар. Засега нема информација кога и дали воопшто општината Центар ќе го распише референдумот. Деновиве градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски изјави дека не се откажува борбата, симболот на Скопје- ГТЦ, да ја задржи автентичната архитектура.
Ј.С.
Слично
