Како војната со Иран би можела да ја потресе, па дури и да ја „скрши“ американската економија?
Терминот „уништување на побарувачката“ звучи сурово и токму тоа е неговата суштина. Во економијата, тој го означува моментот кога цените или недостатоците стануваат толку екстремни и продолжени што луѓето почнуваат трајно да ги менуваат своите навики за купување. Не станува збор за привремено стегање на ременот, туку за длабока промена во однесувањето што може да ги преобликува цели сектори, па дури и економијата како целина.
Во контекст на војната со Иран, овој процес повеќе не е теорија. Прекините во снабдувањето со нафта, особено околу стратешки важниот Ормутски теснец, веќе предизвикаа нагло зголемување на цените на горивата во Соединетите Американски Држави(САД). Овој раст делува како невидлив данок, кој ги погодува сите, но најтешко ги погодува оние со најниски приходи.
Доверба на потрошувачите
Поскапото гориво брзо ги „јаде“ платите и повратот на даноците. Во исто време, инфлацијата расте, растот на платите се забавува, а довербата на потрошувачите опаѓа, што се класични сигнали дека пошироките економски проблеми може да следат. Иако американските потрошувачи досега покажаа одредена отпорност, економистите предупредуваат дека времето не е на страната на економијата, особено ако блокадата на морските патишта продолжи.
Верижната реакција што следи може да биде катастрофална, но и предвидлива. Сè започнува со скок на цените на нафтата, што ги зголемува трошоците за домаќинствата и компаниите. Повеќе пари се трошат за енергија, помалку останува за ресторани, патувања, купување автомобил или недвижен имот. Како што расте неизвесноста, луѓето почнуваат да ги одложуваат големите купувања. Автомобили, станови, реновирања, сè е на чекање.
Потоа бизнисите го чувствуваат притисокот. Намалената потрошувачка и поскапиот транспорт ги намалуваат маржите на профит. Инвестициите се одложуваат, вработувањето се забавува и на крајот работниците се отпуштаат. Централната банка, соочена со инфлација предизвикана од енергијата, може дополнително да ја влоши ситуацијата со зголемување на каматните стапки.
Ако високите цени продолжат, промените стануваат трајни. Луѓето се префрлаат на возила со поефикасна потрошувачка на гориво или електрични автомобили, тие бараат да работат од дома, а компаниите брзо воведуваат автоматизација за да ги намалат трошоците за работна сила. Со други зборови, економијата не се враќа на старото, туку влегува во нова фаза.
Проблемот не запира кај нафтата. Ормутскиот теснец е клучен пат и за други суровини. Прекините во снабдувањето со ѓубрива можат да ги зголемат цените на храната, недостатокот на хелиум може да го забави производството на чипс и да ги зголеми трошоците за медицински услуги, додека проблемите со природниот гас и сулфурот ги зголемуваат индустриските трошоци.
Иако во меѓувреме се појавија знаци на стабилизација, како што се мало опаѓање на цените на нафтата и повремени прекини на огнот, ситуацијата останува кревка. Економијата може да го избегне најлошото сценарио, но работите можат брзо да се свртат, пишува Forbes Bosna.
Важно е да се разбере дека дури и брзото завршување на конфликтот не значи брзо закрепнување. Производството на енергија не се враќа преку ноќ. Потребни се месеци, а понекогаш и години за да системот се врати на претходното ниво. Покрај тоа, ефектите од високите цени честопати се одложуваат, па затоа вистинското влијание врз економијата може да се почувствува дури по одредено време.
