Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАКО ВО КОТЕЛ: Мигрантите се “печат” на жештините, најавениот дневен центар ниту на повидок!

КАКО ВО КОТЕЛ: Мигрантите се “печат” на жештините, најавениот дневен центар ниту на повидок!
На плус 40 степени во Гевгелија е како во котел. Бранот мигранти кој секојдневно стигнува  околу железничката станица, постојано  се зголемува. Околу 1000 луѓе на пеколни температури чекаат шанса да се качат во воз. А, возовите предвидени за нив, со по неколку вагони ги има само двапати дневно. Невладините кои работат на терен велат дека состојбата ја усложнува сеуште нереализираниот дневен центар во Гевгелија, кој властите иако го најавија - сеуште не го отворија, па така илјадници мигранти помош чекаат од активистите  и донациите на хуманите луѓе. Габриела Андреевска од ЛД “Солидарност”,  вели дека жештините дополнително ја усложнуваат и онака тешката состојба на мигрантите кои преморени, гладни и боси влегуваат во земјава. Најдраматично,  вели е во меѓузоната на јужната граница, каде се чека и со денови. Но овде не сопираат маките, бидејќи чекањето на документи и можност за нов транзит продолжува и откако ќе влезат на македонска територија. “Мигрантите доаѓаат пеш од Солун односно од неговата околина кон Гевгелија, истоштени се и уморни, гладни, жедни, болни и боси. Процесот на издавање на документите односно потврдите е бавен,  а тие им се потребни за да го користат јавниот прево кај нас, хотел или слично. Мислам дека овој проблем би се препишал на немање на доволно човечки ресурси. Се работи за околу 1000 бегалци кои транзитираат секој ден и затоа тешко е да им се даде документ. Затоа некои од нив чекаат околу 24 часа, а дотогаш спијат на отворено, без никаква заштита од горештините. Понатаму дури и кога ќе ги добијат документите, возовите се преполни и настанува хаос при секое качување во воз, понекогаш доаѓа до насилни конфликти бидејќи секој сака да се качи, а едноставно нема место за сите. Потоа постои грозоморна ситуација на сегрегација бидејќи одредени вагони се резервирани за бегалците, а одредени се за”нашите”-објаснува Андреевска. 11755739_10204722724208596_2445179216773683913_n Надлежните како што вели, поделбата на вагоните ја правдаат со констатација дека бегалците се заразни. Ова според неа е неприфатливо, бидејќи на  овие луѓе им е потребна лекарска грижа и помош, а не отфрлање  и поделба. Жално е вели што голготата на мигрантите кои судбината ги донела и на нашите патишта, некои луѓе ја користат за профит  и лични интереси. “Сакам да истакнам дека имам секојдневна интеракција со нив и до сега со ништо се немам заразено. Но дури и да има заразни болести, тогаш тие треба да се лекуваат, да се обезбедат прегледи пред качување во воз, а не да се прибегнува кон такви рестриктивни мерки. Сегрегација, дискриминација и ксенофобија во никој случај не се оправдани. Ако некој е болен треба да му се помогне, а не да се заклучи во посебен вагон. Дискриминаторските чинови не се рестриктирани само во транспортот, туку несомнено се присутни и кај локалните продавачи, па така има едни цени за нашите  и други за нивните. За мене несмее да има ваква поделба, особено во 21 век бидејќи е неоснована и неприфатлива. Нема “наши и ваши”, туку еднакви”-додава Андреевска. Во пружањето на хуманитарна помош на терен се вклучени повеќе организации кои делат храна, вода, облека, обувки, хигиенски производи, флаери со информации. Најтешка според Габриела е судбината на разделените семејства. Нивниот очај и болка ја погодуваат најмногу. “Секојдневно гледам човечки судбини, секоја различна, која потешка која посурова. Најтешко ми е кога се разделени семејства, имаме случаи во воз влегло детето, а мајката или таткото не успеале да се качат. Тие солзи мислам дека најмногу погодуваат. Во повеќе ситуации се координираме со активистите од Скопје  и Куманово и успеваме да најдеме среќна разрешница. Се обидуваме да им помогнеме на сите, онолку колку што можеме и знаеме. Ги придружуваме до болница, аптека, се обидуваме да им направиме импровизирани картонски легла за навечер, дечињата да ги анимираме со игри, боенки и сл. Помагаме со превод при комуникација со полицијата, хуманитарните организации кои се важен линк помеѓу институциите и мигрантите во преводот, смирување на страстите и мониторингот” -раскажува Габриела од “Солидарност”. 11750621_10204722725408626_6171192979664014993_n Таа одамна е  инволвирана во проекти поврзани со бегалската криза, но пред два месеци поактивно се вклучила  во хуманитарната акција на терен. Претходно била член на хуманитарна организација која работи на проект за формирање на еко-село за Сиријци во Шведска,  што е прв проект од ваков карактер кој цели кон самовработување на овие лица. Кај нас, забележува активистката, има мал број на хуманитарци на терен, а граѓаните како да се плашат да подадат рака. “Вистинското прашање не е зошто се вклучуваат луѓето во хуманитарната акција да им помагаат на негалците, туку зошто НЕ се вклучуваат повеќе луѓе. Никогаш во својот живот не сум видела толку многу деца да спијат на бетон. Ваквата ситуација е нечовечна и неприфатлива и сметам дека не треба да се замиже пред ова што се случува пред нашите очи. Тоа би не правело ѕверови, а не луѓе”- порачува Андреевска. Надлежните според неа треба многу брзо да го отворат дневниот центар за бегалци во Гевгелија, во кој треба да им се пружи навремена помош и заштита на овие лица. Еден центар според невладините нема да биде доволен да ги реши проблемите на терен, но ќе биде основа за пружање на помош и заштита на мигрантите кои ќе влезат во земјава. Досега според официјалните податоци откако  се донесени измените на законот за азил, издадени се вкупно 16.895 потврди, а до МВР се поднесени 35 барања за азил од кои шест се деца. Најголемиот број на мигранти доаѓаат од Сирија. С.Б.
Слично

Поврзани вести