Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како судот го ослободи Миле Јанакиески?

Како судот го ослободи Миле Јанакиески?
Судијата во претходна постапка Славица Андреевска донесе решение дека барањето на Специјалното јавно обвинителство за притвор на Миле Јанакиески е неосновано. Во решението од судот е наведено дека не постои основан страв дека ќе ја попречува постапката со влијание на сведоци ниту пак дека ќе ги уништи трагите на кривичните дела за кои се товари и за кои во овој момент постои основано сомневање дека ги сторил. При одлучувањето судот ја имаше предвид околноста дека Јанакиески доколку имал намера да уништи траги и материјални докази во врска со кривичните дела, тоа веќе можел да го стори во изминатиот период, на кое нешто упатува фактот дека Јанакиески бил запознаен со поднесените кривични пријави за што и биле составени записници во основното јавно обвинителство Скопје, а кои на судот му се предадени во фотокопија.                                                                           Зошто СЈО бараше притвор за Миле Јанакиески? Специјалното јавно обвинителство бараше притвор за Миле Јанакиески бидејќи неговото влијание во државата како од финансиски така и од општествен аспект е сеуште огромно, додека пак неговата улога во целокупната криминализација на изборниот процес е со најширок опфат. При тоа СЈО наведува дека Јанакиески учествува во сите сфери на делувањето на криминалната група што може да се види и од кривичните дела за кои постои основано сомневање дека ги сторил. Неговите дејствија се движат од изборна корупција, изборна репресија до уништување на изборни материјали. Со самото тоа и фактот што создал огромна мрежа на луѓе на кои може да влијае, особено фактот што уништувањето на докази му се добро познати, присутен е основан страв дека ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичните дела. Ако се има предвид фактот што како поранешен министер  задолжил многу луѓе, реално е стравувањето дека може успешно да дејствува во попречување на постапката со влијание врз сведоците или соучесниците, сметале во СЈО. Специјалното јавно обвинителство појаснило и дека е отворена истрага за злосторничко здружување заради извршување на кривични дела за изборите и гласање, каде учеството на Јанакиески е во организацијата на групата. Но, освен тоа за Јанакиески имало и уште две посебни кривични дела за кои се товари дека ги сторил од позиција на шеф на изборен штаб на кандидатот на градоначалник на општина Центар,  Владимир Тодоровиќ. Со оглед на тоа дека во текот на истрагата е потребно да се испитаат поголем број на сведоци  кои користеле гласачко право кое го добиле на незаконит начин, Специјалното обвинителството сметало дека во вакви околности реално е стравувањето дека Јанакиески може да влијае на нив. На тоа упатувале и исказите на досега испитаните сведоци, од каде произлегува дека е веќе вршено влијание врз нив за да дадат или да не дадат определен исказ. Како се бранел Миле Јанакиески? Јанакиески посочил дека ниту влијаел, ниту влијае, ниту пак планира да влијае на било кои сведоци. Појаснил и дека воопшто не ја користел позицијата министер за било какво дејание спротивно на изборниот закон. Поради тоа Јанакиески сметал дека предлогот за определување мерка притвор не треба да се прифати. Што кажале адвокатите на Јанакиески? Во судот Јанакиески го застапуваат адвокатите Никола Додевски и Боро Тасевски. Адвокатот Додевски посочил дека предлогот за определување мерка притвор е неоснован и појаснил дека описот на дејствијата за кои се товари Јанакиески, во детали е експониран во јавноста речиси секојдневно во сите медиуми и е повторуван повеќекратно, што значи дека доколку постоела опасност од уништување или влијание тоа би било веќе сторено во претходниот период од повеќе од една година. Понатаму Додевски образложил дека ако се има предвид оти сега обвинетиот Јанакиески  е веќе испитуван и дал исказ во својство на осомничен во Основното јавно обвинителство Скопје каде му се предочени сите дејствија, упатува на тоа дека е апсурдно тврдењето дека од денес па натаму постои опасност дека тој ќе сокрие, уништи траги или ќе влијае врз сведоци. Ако се има предвид и сознанието дека обвинителството доставило поголем број записници за веќе сослушани сведоци за што странките се известени од страна на судот, неспорно е дека обвинетиот не може да оствари влијание на сведоци кои се веќе сослушани, а непоткрепено е и нереално тврдењето дека постои основан страв дека тој ќе влијае врз некаков неидентификуван број на сведоци кои всушност се веќе сослушани. Со тоа според Додовски, произлегува дека предлогот за одредување мерка притвор е политички  монтиран, а со цел со притворот тој да биде елиминиран од изборниот процес кој што веќе е извесно дека следува во Македонија. Според адвокатот Бoро Тасевски предлогот за притвор требало да се одбие затоа што истиот се дава со кршење на правата на обвинетиот и одбраната во постапката, според предлогот од обвинителството основано е сомнението за сторени кривични дела кое нешто произлегува од маса приложени докази кои ниту обвинетиот ниту одбраната немале можност да ги видат.
Слично

Поврзани вести