Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАКО СТРУМИЧКИ „ЖИКОЛ“ НАПЛАТИ ДВА МИЛИОНИ ЕВРА ДРЖАВНИ ПАРИ ВО МАЈ - најголем дел од исплатите се од Градот Скопје, еве за кои проекти

КАКО СТРУМИЧКИ „ЖИКОЛ“ НАПЛАТИ ДВА МИЛИОНИ ЕВРА ДРЖАВНИ ПАРИ ВО МАЈ - најголем дел од исплатите се од Градот Скопје, еве за кои проекти

Компанијата „Жикол Струмица“ е најголемиот добитник на државни пари во мј годинава, говорат податоците на порталот Отворени финансии на Владата. Само во петтиот месец во годинава, ова струмичко друштво со ограничена одговорност на едно лице наплатило од локални самоупрваи и државни органи вкупна сума од 1,82 милиони евра, а во нив предничи главниот град на државава, покажуваат податоците кои имаат јавен крактер.

Со ова Жикол ДООЕЛ Струмица е всушност најголемиот прмател на државни пари во мај, а по него следува турската фирма „Серка“, која ја гради браната Конско во гевгелиско.

Приливи од државните органи и градските власти на сметката на оваа градежна фирма продолжиле да се слеваат и во јуни оваа година.

Двете најголем поединечни суми струмички Жикол ги добил од Градот Скопје, и тоа 33 и пол милиони денари на 23 мај, што е рамно на 544 илјади евра, или над една четвртина од вкупно добиените пари за мај. Од Град Скопје исплата кон градежната компанија Жикол имало и на први јуни, околу 27 милиони денари, или 438 илјади евра.

Компанијата од Струмица во мај примила и средства од Министерството за транспорт и врски, и тоа 18 милиони денари, а од градот Скопје имало уште една исплата, од 17 милиони денари.

И општина Струмица имала добра соработка со Жикол. Па така, општината на градоначалникот Коста Костадинов на компанијата од истиот град и исплатила во еден наврат 10 милиони денари, а потоа во три наврати по околу четири милиони денари.

Компанијата Жикол соработувала и со други општини во земјава, и тоа Чучер Сандево, Куманово, Валандово, но таму исплатите се пониски од претходно споменатите.

Како што веќе пишуваше Фактор, за минатата година друштвото со ограничена одговорност Жикол од Струмица, било на шестата позиција на листата на топ 10 јавни набавки. Ова претпријатие, како што е познато, го доби договорот од Град Скопје за изградба на три раскрсници во вредност од приближно 19 милиони евра. 

Во интервју за Фактор, поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, непосредно пред ланските локални избори, објасни дека, како што рече, се работи за ултра сложени сообраќајни решенија, какви што градот не изведувал повеќе децении наназад.

„Конкретно станува збор за Клучката кај Момин поток и клучката кај булеварот Словенија и бул. Хасан Приштина. Клучката кај Момин Поток подразбира изградба на надпатник во продолжение на бул. 8-ми септември, над бул. Никола Карев, со распон од 42 метри, потпорни ѕидови со вкупна должина од 2000м, атмосферска и фекална канализација, како и два моста на реката Серава која тече под оваа сообраќајница. За непречено одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај предвиден е пешачко-велосипедски надпатник над бул. Никола Карев и три подземни пешачко велосипедски премини во рамки на денивелираниот јазол на спојувањето на бул. 8-ми септември со бул. Никола Карев. Проектот за клучката кај бул. Словенија предвидува денивелиран патен јазол чија конструкција предвидува пет рампи кои директно ги поврзуваат булеварите Словенија и Никола Карев и улицата Новопроектирана 6. По должина на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено ЛЕД булеварско осветлување, средишно и странично зеленило, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Изградбата на оваа клучка е од особено значење заради пробивањето на двата булевари, булеварот Словенија кон Карпош и булеварот Хасан Приштина кон излезот према Косово“, објасни тогаш Шилегов.

Инаку, од компанијата Жикол на почетокот на март оваа година стигна и една непријатна вест, а таа е дека почина нејзиниот основач и сопственик Живко Пандев, долгогодишен успешен градежник и познат филантроп.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести