Како „Стопанска банка Битола“ ќе ја добие лутата конкуренција?
Банката планира раст на депозитите, намалување на резервациите и нето приходите од камати и од надоместоци, исто ниво на кредити и добивка од четврт милион евра
„Стопанска банка Битола“ анитиципира дека годинава ќе ја заврши со добивка од 252.400 евра, очекува намалување на нето приходите од камати и надоместоци, намалување на износите за резервации, зголемување на вложувањата во државни хартии од вредност, солиден раст на депозитите и не очекува промени во нивото на кредитни пласмани годинава во споредба со лани.
Во податоците јавно достапни на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност „Стопанска банка Битола“ очекува годинава износот на парични средства и еквиваленти да достигне 56,57 милиони евра и да порасне а 32 отсто односно за 13,6 милиони евра. Во своите проекции банката планира да пренасочи 1,8 милиони евра во купување државни записи и нивото ниво годинава да порасне за 25 отсто до износ од 8,7 милиони евра. Кај кредитирањето банката очекува „статус кво“ во однос на годинава што е солидна проекција во острата конкуренција во коај функционира каде успех е да нема намалување на кредитното портфолио. Очекувањата се дека годинава ќе ја заврши со кредитно порфолио чиј износ надминува 109 милиони евра. Од тоа околу 50 милиони евра се портфолио за кредитирање физички лица. Кај депозитите банката планира годинава да оствари раст од 14 отсто односно 18,2 милиони евра повеќе од лани до износ од 145 милиони евра.
Кај проекцијата на билансот на успех работите стојат вака: банката антиципира пад на нето приходите од камати и од провизии и надоместоци. Кај каматите планираното ниво е 5,12 милиони евра и тоа е за 9 отсто помалку од 2018 година односно за околу половина милион евра. Кај провизиите и надоместоците на нето основа износот е проектиран на 1,67 милиони евра и тоа е за 7 отсто односно за 128.000 евра помалку од претходната година. Банката планира раст на трошоците за плати на своите вработени за 5 отсто до износ од 3,15 милиони евра. Резервациите се проектирани на 1,2 милиони евра што е намалување за 13 отсто во однос на лани.
Од аспект на вкупните средства оваа банка е на десетто место во конкуренција на 15 банки, а на исто место е и во рангирањето на банки според висина на одобрени заеми до крај на 2018 година. Во рангирањето на депозити банката е на 11 место.
Р.Ф.
