Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како се трошат народните пари? Кому луксуз, кому беда?!

Како се трошат народните пари? Кому луксуз, кому беда?!

Луксузирањето и трошењето на народните пари од страна на повеќе министри и екс функционери на поранешната владејачка структура предизвика бура од реакции во јавноста и на социјалните мрежи. Секојдневно во медиумите се редат еден под друг, скандал по скандал, само со различни актери од мината власт.

Транспарентното трошење на јавните пари е нужност во секоја демократија. Скапа гардероба, ручеци во елитни ресторани, луксузни хотели, патувања – ненаменското трошење илјадници евра државнипари според дел од политиколозите треба да биде приоритетно прашање на листата на новата власт која сериозно треба да се позанимава со ваквите состојби и да бара одговорност од оние кои трошеле без усул.

Пoлитикологот Ана Чупеска од Правниот факултет, за Фактор вели дека дополнително, злоделата кои се извршени во изминатите години, мора да добијат и своја правна разврска.

“За жал ваквите трошоци биле законски овозможени, бидејќи сите влади од 45-та наваму немале поставено оганичувања за трошоците на функционерите. Сепак, актуелната Влада испрати позитивен сигнал во правец на поголема транспарентност со тоа што на функционерите им ги ограничи службените картички за сума до 30 000 денари. Во Европската унија на пример постои задолжителен регистер на трошоците од буџетот. Со добра воља на Владата, можно е да станат јавно достапни сите финансиски состојби на министерствата, односно на трансакциите кои тие ги вршат. Со други зборови, технички изводливо е да биде достапна секоја трансакција”- вели професорката Чупеска.

Изгубената доверба во институциите и во правниот систем како што вели ќе се врати така што ќе се спроведат сите неопходни реформи. Еден од приоритетите според неа е реформирањето на правосудството кое на секој граѓанин ќе мора да му овозможи подеднаков пристап до правда.

“Сликата е катастрофална и зборува за елементарно отсуство на одговорност и отсуство на морал кај функционерите, тие се однесувале расипнички и трошеле пари кои не се нивни и тоа во услови на голема сиромаштија. Тоа мора да се запре, односно треба да се применат современите механизми за транспарентност и борба против корупцијата ( напр. регистри)”- додава Чупевска.

Дополнително, злоделата кои се извршени во изминатите години,според неа исто така, мора да добијат своја правна разврска или како што вели мора да се реализира во целост и суштински сето она што е опфатено во извештајот на Прибе.

Во меѓувреме анализата на граѓанската коалиција „Ајде Македонија“ покажала дека околу 445.000 македонски граѓани имаат проблем да обезбедат храна или, пак, имаат по само еден оброк дневно. Според податоците на Заводот за статистика, последната измерeна нето плата во декември изнесувала 22 407. Ако се направи споредба со вредноста на потрошувачката кошница, односно потрeбните пари за да се преживее месецот, тогаш на едно семејство со еден приход во вредност од една просечна нето плата ќе му недостасуваат 9 727 денари или околу 158 евра за ги подмири трошоците.  

Во отсуство на официјални статистички податоци, бројот на иселени од Македонија е различен. Светска банка оперира со околу 600 илјади, Евростат пак со над 230 илјади млади луѓе кои заминале од 1998 досега. САД, Канада, Австралија, Западна Европа - дестинациите се различни, во зависност од можностите и приликите. Последниов период се чини најатрактивна е Германија, каде само во 2015 година од 25 илјади македонски државјани кои таму заминале по подобро утре, дури половината останале да работат.

С.Б.

Слично

Поврзани вести