КАКО СЕ ТРГУВАЛО НА БЕРЗАТА ВО ЈУНИ: Повеќе пари со помалку зделки, но и благ пад на индексот МБИ 10
Берзанскиот индекс МБИ 10 падна за 0,97 проценти - На крајот на јуни изнесувал 10.565,34 индексни поени, за разлика од мај, кога тој достигна 10.668,94 поени.
Нo и покрај падот на индексот, има зголемено тргување: На домашниот пазар во јуни се реализирани 941 милиони денари, односно 69,97 проценти од вкупниот промет на Македонската берза. На странските пазари, пак, прометот изнесувал 6,5 милиони евра, што претставува зголемување од 25,97 отсто во однос на претходниот месец.
Извештајот на Комисијата за хартии од вредност покажува дека во текот на јуни, на домашниот пазар биле реализирани 1.717 трансакции, што е 6,68 отсто помалку од мај, кога нивниот број изнесувал 1.840.
Зголемување се забележува и кај отворените инвестициски фондови, чија нето вредност на крајот на јуни достигна 24,8 милијарди денари (околу 404,1 милиони евра). Тоа е раст од 2,3 проценти во однос на крајот на мај.
Вкупните приливи во фондовите во јуни изнесувале 25,87 милиони евра, што претставува намалување од 4,41 процент на месечно ниво, додека одливите се намалени за 5,98 отсто, на вкупно 17,69 милиони евра. Како резултат на тоа, фондовите оствариле позитивна нето разлика од 8,1 милиони евра.
А.Т.
