КАКО СЕ НАМАЛУВА НЕВРА-БОТЕНОСТА: Капитални инвестиции или административни мерки?
Стапката на невработеност во земјава што во третиот квартал од годинава изнесува 27,9% и споредено со истиот период од лани бележи намалување од 0,8% за дел од економистите е резултат на пдобрувањето на бизнис климата и отворање на нови работни места, за дел пак станува збор за административни мерки кои фиктивно прикажуваат пад на невработеноста во земјава.
Невработеноста повеќе е намалена поради административни мерки отколку со создавање нови работни места и вработување на невработените, смета универзитетскиот професор Предраг Трпевски.
„Само по основ на префрлање на лицата од евиденцијата на невработените на АВРМ во евиденцијата на Фондот за ПИОМ, годишно бројот на невработените лица се намалил за околу 70.000. Со уште некои нови законски решенија бројот на невработените дополнително ќе се намали. Треба да се истакне дека процичистувањето на списоците во АВРМ е добра работа, но не треба ова да се користи во политички цели бидејки како што истакнав, намалувањето повеќе се должи на неекономски мерки, а помалку на отварање на нови работни места. Понатака, најголемиот дел од младите лица студирааат и активни не бараат работа. А сето ова влијае невработеноста да се намали. Но, далеку е од историски најниско ново, бидејќи при осамостојуванјето на државата невработеноста изнесуваше околу 22%“, вели Трпевски.
Дел од економистите пак додаваат дека намалувањето на невработеноста во последните неколку години во голема мерка е резултат на преминување од неформална во формална вработеност. Имено, како резултат на намалувањето на сивата економија, се намалува и бројот на непријавените вработени. Затоа и расте бројот на вработените, т.е. се намалува невработеноста. Фактичкиот пад на невработеноста е всушност многу понизок од официјалниот.
Капитални инвестиции
Анализирајќи дека стапката на невработеност во Македонија веќе неколку години бележи тренд на благо намалување, универзитетскиот професор Димитар Николоски посочува дека во услови на економска стагнација во регионот на Југоисточна Европа, како и во Европската унија, Македонија успева да ја одржи економската кондиција пред сé благодарение на новите капитални инвестиции.
„И покрај тоа што ваквиот тренд влева оптимизам сепак, стапката на невработеност е сеуште висока, како според меѓународните стандарди, така и во историски контекст. Имено, на крајот од предтранзицискиот период неофицијално Република Македонија бележела стапка на невработеност од околу 20 проценти и со ваквото темпо потребни се уште 5-6 години за негово достигнување. За илустрација, нивото на БДП од предтранзицискиот период беше достигнато уште во 2007 година. Тоа, од една страна зборува за фактот дека имаме поголем раст на продуктивноста во текот на транзицијата, но од друга страна присуство на низа алтернативни механизми за прилагодување на пазарот на трудот како што се вработувањето во неформален сектор, емиграција и социјални трансфери. Благодарение на улогата на овие механизми, може да се објасни одржливоста на високата невработеност во Македонија во еден долг временски период. Во вакви услови, економскиот раст би можел да има поосетни импликации врз пазарот на труд доколку се продолжи со внимателно осмислени реформи во институциите на пазарот на труд. Тие би требале да бидат во насока на балансирање меѓу флексибилноста и сигурноста со што Македонија дополнително би станала атрактивна дестинација за домашниот и странскиот капитал, додава Николоски.
Благица Петрески од Асоцијацијата за економско истражување - Finance Think пак посочува дека за намалувањето на невработеноста во земјава што го покажуваат статистичките податоци на институциите постојат неколку фактори, но потенцира дека загрижува високатѕа стапка на невработеност регистрирана кај младите.
„Стапката на невработеност бележи континуиран пад во последните години и во моментот е на историски најниско ниво. Ваквиот тренд е резултат на повеќе фактори. Заздравувањето на економијата и позитивните движења во индустриското производство, како и отворените работни позиции од странски директни инвестиции се главни двигатели за намалување на невработеноста. Ова може да се забележи и од податокот што највисоките стапки на зголемување на вработеноста се во секторите со најголем пораст на БДП: други услужни дејности, стручни научни и технички дејности,градежништво и преработувачка индустрија,како и во секторот за финансиски услуги. Втор значаен фактор се преземените активни мерки за намалување на невработеноста, иако позначајни ефектите од овие мерки треба допрва да се почуствуваат. Она што загрижува е стапката на висока невработеност кај младите и најверојатно во иднина мерките треба да се насочат кон оваа категорија, додава Благица Петрески.
Инаку, Државниот завод за статистика измени дека на крајот на септември годинава 27,9% од работоспособното население е невработено, за разлика од крајот на јуни кога невработеноста изнесувала 28,2%, а додека на крајот на март гдонава стапката на невработеност изнесувала 28,4%.
Р.Ф.
Слично
